За 14,9% зголемен прометот во индустријата во февруари

13

Прометот во индустријата во февруари оваа година, во однос на истиот период претходната година, е зголемен за 14,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Прометот во индустријата остварен на домашниот пазар во февруари 2016, во однос на февруари 2015 година, бележи пораст од 9,5%, а прометот остварен на странски пазари бележи пораст од 16,2%.
Гледано по сектори, прометот во индустријата во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2016 година, во однос на февруари 2015 година, бележи опаѓање од 5%, а во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 15,7%.

Според главните индустриски групи, прометот во февруари 2016 година, во однос на февруари 2015 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 7,3%, Капитални производи за 32,6%, Tрајни производи за широка потрошувачка за 13,5% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,3%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 13,9%.

Прометот во индустријата во февруари 2016 година, во однос на јануари 2016 година, е зголемен за 9,8%, додека во периодот јануари – февруари 2016 година, во однос на периодот јануари – февруари 2015 година, порастот е 11%.