За осум години бројот на странски туристи зголемен за 100%

22

Бројот на туристи бележи континуиран раст. Во период од осум години забележан е раст од 100%. Годинава се очекува бројот на странски туристи да надмине 450.000. Најбројни се посетителите од Турција, Грција, Србија, Холандија и Бугарија, а нови целни групи се Кина, како и Северна Америка каде ќе се понуди активниот туризам.

Ова во интервју за МИА го истакнува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

“Претходната 2013 година успешно ја заокруживме и завршивме и го остваривме и го надминавме она што го прогнозиравме. Значи имаме раст од 14% на странски туристи што претставува 2,5 пати повеќе од просечното што го има за светот според Светската туристичка организација. Нашите прогнози се дека до крајот на 2014 година ќе надмине бројка од 450.000 посетители, странски посетители“, вели во интервјуто Џамбазовски.

Најбројни, како што додаде, за минатата година биле туристите од Турција 72.000 кои се следени од туристи од Грција, потоа од Србија, Холандија и Бугарија.

“Значи тоа е првата петорка во рангирањето во нашата листа по број на посетители. Очекуваме дека можеби од следната година ќе има некое разместување со оглед на тоа што имавме бројни презентации од почетокот на годината“, додава Џамбазовски.

Напоменувајќи бројни презентации на саеми, најави дека нова дестинација е Франција, Кина каде ќе има самостоен, но и заеднички настап со земјите од регинот, Русија  и Северна Америка.

Истакнува дека обработените податоци за годинава покажуваат раст од пет проценти, што покажува дека Македонија оди во добра насока и покрај тоа што имаше природни непогоди во балканскиот регион.