За вистинските херои

129

1

Драги виртуелни пријатели на bi.mk,
најпрвин сакам да ве поздравам и да ви се заблагодарам што одвоивте дел од вашето време и внимание и го насочивте кон овие редови. Се надевам дека нема да зажалите :).

Кога ми се обратија од CEED со барање да бидам дел од колумнистите на bi.mk размислував малку подолго, бидејќи пишувањето на колумни е вистински предизвик. Колумната како форма, не е ниту целосно стручен текст, ниту целосно слободно обраќање, а во исто време е и едното и другото. Имајќи го в предвид фактот дека јас сум човек кој сака се што прави да го направи темелно и без „реда-ради“ пристап, ми требаше малку време да се најдам во оваа нова улога. Но, ете со оглед дека го читате ова, очигледно е дека одлуката е донесена, на bi.mk  во наредниот период јас ќе ги изнесувам моите размислувања и видувања за различни аспекти од бизнис сферата.

Уште на почетокот да си посакаме убава дружба со надеж дека вложениот напор и напишаните колумни ќе резултираат со побудени размислувања кај секој од вас, иницирање на внатрешни процеси за анализа на себе и случувањата околу вас и конечно ваше инспирирање и охрабрување во процесот на себе развој и подобрување на вашиот деловен и секојдневен живот.

Веќе забележавте дека јас одбрав моите колумни да бидат во форма на директно обраќање. Како да му пишувам писмо, email, долга sms порака на секој од вас. Целта ми е да не се заглавуваме во тешки научни формулации, туку да се обидам што е можно понепосредно да ви го пренесам мојот став за темата која ја чувствувам како најбитна за обработка во моментот на пишување на колумната.

А да, морам од старт да напоменам и дека очекувам за се да не се согласиме. Единствено важно ми е да се разбереме, јас ќе се потрудам да бидам непосреден и што е можно подиректен. А доколку имате различен став, тоа е нешто на што многу ќе се израдувам. Тоа се ситуации во кои веројатно вие гледате нешто што јас не можам да видам или обратно, само треба да ја искористиме првата прилика да ги размениме ставовите и да ги прошириме видиците. Јас многу се радувам на различните мислења, тие се можноста за напредок… секако под предуслов да имаме добри вештини за менаџирање на конфликти (за што веројатно ќе пишувам во некоја од следните колумни) кои ќе ни помогнат различното мислење да не збогати со уште една различна перспектива наместо да не осиромаши за уште една пријателска релација.

Мислам, дека беше доста за вовед, нели? Простете што беше подолго, но како за прва колумна (како и за секоја форма на почетна комуникација) мислам дека е ред да си ги споделиме и дефинираме очекувањата за начинот и формата на комуницирање.

Сега е време да се зафатам со темата за оваа колумна насловена „ЗА ВИСТИНСКИТЕ ХЕРОИ“.

2

Живееме во време кога секојдневно слушаме за многу успешни приказни. Не верувам дека некој денес не слушнал за животните приказни (или барем за некој дел од нив) на Стив Џобс, Доналд Трамп, Опра Винфри, Бил Гејтс, Ричард Бренсон и уште многу други познати светски бизнис ликови. Нив големата глобална маркетинг машинерија ни ги претставува како луѓе херои, луѓе кои успеале да се издвојат од масата и од својата идеја да креираат успешен бизнис, од првична замисла (вообичаено неприфатена од околината) да создадат продукт и бренд кој го освоил светот, бизнис кој им донел огромен успех, профит и слава. Тука нема ништо спорно. Но мислам дека во целиот овој глобализациски процес, кога интернетот и телевизијата создаваат илузија дека овие ликови ни се први пријатели со кои секојдневно поминуваме заедничко време во нашите дневни соби, „комуницирајќи“ преку мониторите од нашите лап-топови и телевизори, испуштаме една важен аспект кога станува збор за вреднувањето на вистинските херојски дела. Комерцијализацијата на животните приказни на светските бизнис ликови прави отказот на Стив Џобс и неговото повторно враќање во Епл да го знаеме многу повеќе од одредени приказни кои се многу пореални и се тука околу нас. Токму на овој феномен сакам да му ја посветам мојата прва колумна.
Драги виртуелни пријатели на bi.mk, во бизнис светот влегов како обучувач кој ги понуди своите знаења и вештини на бизнисмените од нашата земја. Претходно работев со невладини организации, но после години успешна работа и мое доусовршување во областа на организациските науки (како дел од мојата докторска дисертација) одлучив да се пробам и во бизнис секторот. Првиот обид беше во CEED и на мое и нивно големо задолство тоа беше повеќе од одлично. Сите учесници на обуката ја оценија со максимална оценка и истата беше прогласена за најдобра во конкуренција на сите реализирани обуки во таа година. Од тогаш почна мојата „дружба“ со бизнис заедницата во нашата земја. Од тогаш, јас секојдневно имам прилика да се сретнувам и да работам со бизнисмени од Македонија. Разговарам со нив, ги слушам, ги анализирам, учам од нив, се обидувам да ги разберам како размислуваат, ги подучувам и насочувам за областите кои се во мојот домен на експертиза, но и ги слушам предизвиците со кои секојдневно се соочуваат и тоа како се обидуваат да ги надминат и решат… и кога дојде време за оваа колумна, и кога требаше да одлучам за што прво да пишувам, после подлабокото барање на темата се освестив дека оваа колумна морам да им ја посветам на македонските бизнисмени и претприемачи.

Имајќи можност да запознаам еден поголем дел од нив, јас открив дека вистинските херои не се тие од глобалните маркетиншки приказни, туку дека вистинските херои живеат меѓу нас, дека вистинските херои се македонските бизнисмени – претприемачи. Некој од вас веднаш ќе рече дека претерувам, дека никој од нашите бизнисмени нема постигнато толку голем успех за да може да го наречеме херој. Ок, тоа е легитимен став, но пред да ја отфрлите мојата теза, дозволете ми да ви ги дадам моите аргументи.

Прво, фокусот ќе го ставам на самиот момент на покренување на иницијатива за започнување на бизнис. Веројатно сите сме го гледале скечот на К-15 за домашното интервју за работа кога после сите понуди младиот ја избира најсигурната опција. Општо позната тенденција кај нас е барањето на државна работа. Голем дел од младите не само што не започнуваат свој бизнис, туку избегнуваат да се вработат во приватен сектор (каде се бараат конкретни вештини и резултати, а во исто време се нуди можност за напредок ако демонстрираш изразени квалитети) и целото внимание го насочуваат да најдат вработување во државна администрација – на сигурно. Некој може, сега, да ми даде други релавантни факти зошто се случува оваа појава. Како на пример дека државната работа дава сигурна плата за сметка на приватниот сектор што и не е факт за занемарување, потоа дека во приватниот бизнис сектор има многу неетички сопственици кои не го ценат трудот и сл. Искрено, голем дел од тврдењата може да се согласам дека се точни, иако мислам дека мора да се избегне генерализацијата „сите се исти“. Да, има и такви примери, но има и примери на луѓе кои се вработиле во приватен сектор и кои демонстрирале изразени способности и квалитети кои другите не ги поседуваат и за тоа добивале и добиваат одлична финансиска надокнада, но и простор за брз напредок.

Но, нема да налегувам во разработување на тој аспект. Она што сакам да истакнам е моментот дека во истиот амбиент во кој некој одлучува да се засолни под државна капа, има луѓе кои храбро започнуваат свој бизнис. Има луѓе кои уште од почетоците на македонската држава, кога голем дел од работите не биле јасни, одлучиле да го земат животот во своите раце. Не сакам да спомнувам имиња, но можам да ви набројам најмалку 30 луѓе кои почнале од нула. Кои се што имале било нивната идеја и желба таа идеја да успее. Тие се вистинските херои! Тие се луѓето кои одлучиле да го прифатат ризикот наречен живот. Тие сфатиле дека ќе живееш само тогаш кога ќе поверуваш во себе и своите идеи и ќе се обидеш да успееш. Низ процесот на обидување, ќе учиш, ќе растеш и ќе се надоградуваш. Без разлика дали ќе успееш, ти ќе создадеш доволно искуство и ќе имаш за што да воздивнеш на крајот од својот живот. Дел од тие луѓе можеби и не успеале во првичната идеја, па ја замениле, но за мене херојското дело е во вербата во себе, во својата идеја и обидот да се реализира истата. Да, денес голем дел од нив живеат комотно, но кога би ја слушнале нивната животна и бизнис приказна и вие ќе се согласите дека тоа што го имаат денес е заслужено. Ризикот кој го презеле е влогот за денешната добивка! За мене тие луѓе заслужуваат титула Вистински херои!

3

Следно, да почнеш и да водиш бизнис во Америка, Германија, Франција е една приказна, но да започнеш и водиш бизнис во Македонија е сосема друга приказна. Да успееш со својот бизнис во земји во кои постои систем, постои јасна регулатива која ти обезбедува правна рамка и сигурност е „смешка“ во однос на предизвикот да успееш во земја во која правниот систем не е развиен на ниво да ја осигура во целост својата инвестиција и преземен ризик. Таму кога ќе склучиш договор, кога ќе купиш земјиште, кога ќе добиеш гаранција, тоа со многу голем процент на сигурност ќе биде испочитувано. Туку не секогаш е така. Земјиштето може да излезе дека било предмет на друг правен спор и ти иако си го платил не можеш да го користиш, подоцна можеш да откриеш дека гаранцијата се однесувала само на каросеријата, а не и на внатрешните делови, или дека поправката е бесплатна, но не е дефиниран точниот рок во кој таа ќе биде извршена и ти мораш да чекаш многу додека да ја добиеш машината поправена назад во погон за производство (не за џабе славната „времето е пари“ е произлезена директно од бизнисот). Ако херојството се мери во количината на храброст која треба да ја демонстрира еден човек за одредено дело, можете ли да замислите колкава храброст е потребна за еден човек да започне и да води бизнис во земја како нашата. Колкава храброст е потребна да поверуваш во својата бизнис идеја за да го ставиш станот во кој живееш со семејството и целиот свој имот под хипотека, да ја вложиш целата заштеда и плус да позајмиш пари од пријателите… само со верба дека ова ќе успее. Знам дека некој од нас мислат дека македонските бизнисмени се луѓе кои парите ги наследиле од своите богати родители или дека тоа се луѓе кои во процесот на транзиција успеале да се дограбаат до производни или трговски државни капацитети за евтини пари или дека успехот на нивниот бизнис се должи единствено на некаква блиска релација со политички моќници. Веројатно тоа е точно за еден дел од нив, но ве охрабрувам да истражите дали оваа претпоставка е вистина за сите. Јас тоа го направив, истражив, разговарав, ги прашав за нивните почетоци и тоа што го слушнав ме стави во ситуација да одлучам оваа колумна да ја именувам „ЗА ВИСТИНСКИТЕ ХЕРОИ“ и да им ја посветам токму нив. Јас чувствувам дека нашето општество вооопшто не е свесно за огромните напори кои овие луѓе ги вложуваат во обидите да го развијат својот бизнис. Јас мислам дека ние воопшто не сме свесни какви херои живеат помеѓу нас.

Некој сега ќе рече, но тие тоа го прават за себе, за свој профит, за лично богатење. Хм, тоа донекаде е точно. Тие навистина го прават тоа за да бидат успешни и да заработат, но не заборавајте дека нивниот успех не значи само пари само за нив и нивните семејства, туку и редовна плата и придонеси за вработените. Тие не само што обезбедуваат пари за себе и своите семејства, туку со својата идеја и успешно водство на нивните фирми ги прехрануваат семејствата на своите вработени. Често тоа се од 5, 10, 30, па дури и 100 и над 100 вработени т.е. семејства. Тие со поизразено критичко размислување сега веројатно ќе речат, но македонските бизнисмени ги злоупотребуваат работниците, не им даваат редовно плата, не им плаќаат придонеси, ги задржуваат прекувремено на работа. Тоа е одлична забелешка. Се согласувам, има и такви и тие веднаш ги исклучувам од групата која сакам да ги именувам како Херои. Но, понекогаш генерализирањето не става во ситуација многу лесно да кажеме „сите се исти“. Но, тоа е опасен и деструктивен заклучок. Не! … не се сите исти. Јас го тврдам тоа, бидејќи сум проверил, сум видел со свои очи. Не може со сигурност да ви ја кажам бројката или процентот, но постои една добра група на македонски бизнисмени кои чесно и редовно им ги исплаќаат своите придонеси и плати на своите вработени. Дури кога ќе навлезе човек во проблематиката ќе види дека голем дел од поплаките на вработените се субјективни без изразена самокритичност (секако има доста и кои се реални и објективни). Секој мисли дека треба да добие повеќе, без да се праша дали резултатите од неговото работење носат доволно профит за да може да се подмират сите трошоци на производството, платата која ја добива, придонесите, даноците, ратата за кредитот кој е земен за да се започне со бизнисот, режиските трошоци (струја, вода, кирија и сл.) и плус да се размислува за известирање во маркетинг, дистрибуција како и развој (бидејќи без маркетинг, подобрена дистрибуција и развој, конкуренцијата која дише во врат ќе го завземе пазарот и сите од фирмата ќе останат без работа). Тука мора да се напоменат уште неколку „невидливи“ предизвици со кои секој македонски бизнисмен се бори. Нелојалната конкуренција е една од нив. Денес скоро секој може да се вклучи во бизнис од гаража, без лиценца и дозвола. Точно државата се обидува да го регулира тоа, но потребно е време, а тој што има бизнис не може да чека… или успева или пропаѓа, сегашноста е најважна, што би рекле постарите „утреш куќа не крепи“. Опстанокот во реалните околности едноставно зависи од способностите и креативноста на бизнисменот и претприемачот како да ја победи и нелојалната конкуренција која е надвор од законот и правилата на игра. Сигурен сум дека големите „светски херои“ кои на почетокот ги споменав ги немале овие предизвици во толку изразена мера.

Следниот официјално невидлив, а огромен предизвик е присуството на политиката во секој сегмент од живеењето на македонското општество. А политиката можеби не секогаш успева да ги детектира реалните потреби на граѓаните, но верувајте секогаш со 100% сигурност успева да ги детектира парите! Бизнисмените во сите земји се целна група на политиката. Но, во земјите во развој политичарите имаат малку поширок спектар на „алатки“ како да ги „охрабрат“ бизнисмените да „подарат и донираат“ дел од нивните пари во поддршка на проектите за „општо добро“. Сонот на секој бизнисмен е да има регулирани правила на игра во кои тој што има подобра бизнис идеја и способност за нејзино разработување ќе победи, но да бидеме искрени нашиот регион не е многу блиску до овој идеал.

И на крајот, уште еден аргумент со кој ја потврдувам мојата теза дека ние имаме свои вистински херои – македонските бизнисмени и претприемачи, е фактот дека приходите во буџетот на нашата земја (што вклучува пари за здравство, образование, безбедност, администрација, патишта и сл) во најголема мера се приходи од даноци од македонските мали и средни компании. Платата за наставникот на вашето дете се пари кои успеал да ги создаде некој македонски бизнисмен. Платата на докторот и остатокот од цената на лекот за кој ние плаќаме партиципативна цена ја доплаќа некој даночен економски обврзник кој наоѓа начин од репроматеријали да креира производ или услуга, да го спакува и изрекламира, да успее го продаде, да им даде плата на вработените, да плати давачки, да остави пари за развој, да остави профит за себе и на крај и да плати данок и за платата на докторот, наставникот и другите вработени во државните институции. Тоа за мене е херојски чин. Зошто, затоа што не секој го може тоа. Многу пробале и не успеале, дел од нив се откажале, но дел од нив продолжиле да се обидуваат и да превземат ризик се додека не го развиле бизнисот. Тоа е храбро! Тоа е за почит! Тоа е херојски! Тие кои почнале од нула, кои преземале ризик, кои поверувале во својата идеја и способности и излегле на мегдан, излегле на пазарот. А пазарот е немилосрден. Тоа е местото на кое успеваат само тие кои нудат квалитет и услуга. Да, еднаш можеби ќе успееш да протнеш неквалитет со добра реклама, но купувачот никогаш нема да дојде повторно. Секој сака да добие придобивка еднаква или повисока на сумата на пари која ја издвојува. А нашите херои несомнено успеваат да создадат, напоменувам СОЗДАДАТ квалитет! Тоа е за длабок поклон и восхит! Им благодарам што секојдевно се трудат и работат за доброто на својата компанија, своите вработени и за целиот систем. Верувајте ми, тие луѓе се уморни од совладување на секојдневните објективни, но и многу субјективни пречки. Редно е еднаш да го препознаеме нивното големо дело и да им кажеме ВИ БЛАГОДАРИМЕ, ВИЕ СТЕ НАШИТЕ ХЕРОИ!

Фото: Pixabay