За железничката пруга Куманово-Бељаковце заинтересирани осум компании

23

На тендерот за рехабилитација на железничката пруга од Куманово до Бељаковце во должина од 30 километри, понуди доставија вкупно осум компании од пријавените 16.

Компании кои доставија понуди се Актор и Терна од Грција, Штрабаг и Пор од Австрија, Вибер од Германија, Синохидро од Кина, Субтера од Чешка и Ацилим од Турција.

Највисоката понудена цека, без попуст е од турската компанија Ацилим (58.319.595), а најниската од германската Вибер чија цена, без попуст, е 41.441.469. Можен попуст на понудената цена понудија Вибер од 1.687.850 евра, кинеската Синохидро 2 до 3% на вкупната цена и Сутера од Чешка која понуди 3% попуст.

По денешното отворање на понудите ќе следи период на евалуација, по што се очекува да биде избран најповолниот понудувач со кој до крајот на годината ќе биде потпишан договорот.

Реновирањето на овој дел од железничката пруга, која е дел од Коридорот 8, ќе опфати поставување нови шини и прагови, изработка на осум моста од кои најголемиот ќе биде со должина од 120 метри, изградба на три станици и три објекти за сместување на постројките за регулирање на сообраќајот.

Ова е првата од вкупно трите делници за изградба на источниот дел на Коридорот 8 и железничкото поврзување со Република Бугарија. За останатите две делници од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 36 километри и од Крива Паланка до Деве Баир во должина од 23 километри, се изготвува техничката документација.

За реализација на овој проект обезбедени се 45,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.