Задолжително пензионирање на 64 години, предлог-законот влезе во Собрание

25

Законските измени, кои предвидуваат задолжително пензионирање на возраст од 64 години и 15 години пензиски стаж, од вчера се доставени во собраниска процедура за да бидат разгледани и усвоени во парламентот.

Со законот се очекува да се намали бројот на вработени во администрацијата и да се отвори простор за вработување на нови млади кадри.

За да се обезбеди преоден период, сите оние што до 31 август оваа година поднеле барање за продолжување на договорот за вработување, истиот ќе им важи до истекот на времето за кое е продолжен.

Исклучоци во здравството и во високото образование

Предлог-измените предвидуваат и исклучоци од задолжителното пензионирање. Поради недостиг на одредени стручни кадри, исклучоци е предвидено да се прават во секторите здравство и високо образование, каде што ќе може да се продолжува стажот до 67-годишна возраст.

Во здравството се предвидува директорот на здравствената установа еднаш годишно да го продолжува договорот за вработување на здравствениот работник кој има наполнето 64-години, но тоа да може да го прави сè додека тој не наполни 67 години.

Одлуката на директорот за продолжување на стажот на лекар или друг здравствен работник ќе мора да биде потврдена и од министерот за здравство.

Фото: Pixabay