Започна третата фаза од санацијата на мостовите на Коридорот 10

26

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денес го означи стартот на третата фаза од проектот Санација и зајакнување на мостови на Коридор 10.

Tоj истакна дека имплементацијата на проектот за зајакнување и санација на мостовите претставува завршница на овој исклучително успешен проект во кој во изминатите две фази беа реконструирани 51 мостовска конструкција со вкупна должина од 4.090 метри и со инвестиција од 22,5 милиони евра.

“Во следниот период ќе бидат подобрени 13 мостовски конструкции по трасата на делницата Велес – Катланово од Коридорот 10 во вредност од околу 8,6 милиони евра. Активностите од оваа фаза ќе завршат најдоцна до септември 2015 година”, рече Јанакиески.

Според него, овој проект е посебно значаен ако се има в предвид фактот дека мостовите градени по старите стандарди во шеесетите години од минатиот век по санацијата ќе бидат гарант за безбедноста на македонските патници и превозници.

Тој им се заблагодари на службите на НАТО за одвоените средства за реализација на овој значаен проект и за нивната поддршка на Македонија да ги оствари своите стратешки цели и приоритети.