Започнати неколку проекти во општина Ресен

74

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски, во селото Долна Бела Црква го означија почетокот на изградба на фекална канализација во вредност од 10 милиони денари. Општина Ресен средствата ги доби од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Во селото Крани, пак, го означија почетокот на изградбата на секундарната мрежа за наводнување во реонот на Долна Преспа во висина од околу три милиони денари. Средствата се обезбедени од МЗШВ и Месната заедница од село Крани.
Во селото Подмочани, тие присуствуваа на почеток на изградба на селскиот плоштад, за чија изградба се наменети три милиони денари, како и на пуштањето во употреба на локалниот пат во должина од 800 метри од село Подмочани до месноста Преспански крст и црквата Петар и Павле, поддржано со средства од Јавното претпријатие за државни патишта.
Градоначалникот Стрезовски истакна дека општина Ресен ќе продолжи со работа за да го подигне нивото на квалитетот на животот на граѓаните преку вакви и слични проекти.
“Општината доби финансиска поддршка за три проекти кои имаат за цел директно да го стимулираат руралниот развој”, рече Стрезовски.
Министерот Димовски, пак, истакна дека од вкупно 134 одобрени за 73 општини, три се во Ресен и дека овие проекти имаат за цел на некој начин да го подобрат животот на граѓаните во руралните средини со што би се спречила миграцијата на населението од овие краишта.
За годинешниот откуп на јаболката, Димовски истакна дека разгледувајќи ги проблемите заедно со градоначалникот Стрезовски се договориле што е можно повеќе да помогнат. Во тој правец, Димовски рече дека Владата на Република Македонија преку ресорното Министерество ќе настојува и оваа година да побара интервенција за влегување на турските трговци со јаболко се со цел да се помогне во оваа тешка ситуација.