Земјава ја проширува билатералната и трговска соработка со Русија

34

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, овие три дена ја предводи владината делегација на официјалната посета на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Русија. Во состав на делегацијата од Северна Македонија учествува и извршениот директор на македонско-руската Стопанска комора, Дејан Бешлиев. Во рамки на  Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, вицепремиерот Николовски, како одржа работни средби со ко-претседателот од руската страна на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-екононска и научно техничка соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, Алексеј Груздев и со заменикот-министер за земјоделство на Руската Федерација, Сергеј Левин.

Вицепремиерот Николовски, како ко-претседател на македонскиот дел на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка на средбата со ко-претседателот од руска страна Груздев, разговараа за зголемување на соработката во областа на туризмот и унапредување на трговската размена. Воедно, на состанокот Николовски и Груздев ја отворија и темата за зголемување на инвестициите во различни сектори меѓу кои како најзначајни беа потенцирани инвестициите во обновливи извори на енергија, управување со отпад и пречистителни станици и инвестиции во производствени капацитети.

Руската Федерација е важен трговски партнер на Северна Македонија во делот на извозот на македонски земјоделски производи.

На средбата со заменик-министерот за земјоделство на Руската Федерација Сергеј Левин, се дискутираше за можностите за зацврстување и проширување на билатералната соработка во земјоделството и зголемување на трговската размена помеѓу Северна Македонија и Русија. Вицепремиерот Николовски и рускиот заменик-министер за земјоделство Левин, ја потврдија досегашната соработката помеѓу двете држави, и ја потенцираа потребата од продлабочување и зајакнување на соработката во земјоделскиот сектор преку организирање бизнис форум помеѓу компании од двете земји, отворање откупни центри во повеќе региони и соработка помеѓу инспекциските служби за полесен извоз на македонски производи во Руската Федерација.

Во текот на денешниот ден, вицепремиерот Николовски ќе присуствува на панел дискусијата во рамки на  Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, на тема Односите на Руската Федерација и ЕУ – одговор на предизвиците од денешницата.

Економскиот форум во Санкт Петербург е уникатен настан во светот на бизнисот и економијата, и се одржува од 1997 година. Од 2006 година се одржува под покровителство на претседателот на Руската Федерација. Во текот на последните 24 години, Форумот е водечка глобална платформа за членовите на деловната заедница да се состанат и да разговараат за клучните економски прашања со кои се соочува Русија, пазарите во развој и целиот свет. Деловната програма на годинешниот Меѓународен економски форум, ќе се фокусира на глобалните и руските економии, социјалните теми и технолошкиот развој.

Фото: Pexels