Зголемен откупот и продажбата на земјоделски производи во октомври

17

Вредноста на вкупниот откуп и продажба на земјоделски производи во октомври оваа година изнесува 1.104.918.000 денари, што е зголемување за 3,9% во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вредноста на откупените земјоделски производи од индивидуалните земјоделски производители е зголемена 16,5%, а продажбата од сопственото производство на претпријатијата е намалена за 11,2%.

Зголемување на вредноста на откупените и продадените земјоделски производи се забележува кај житата, градинарските растенија, грозјето, алкохолните пијалаци, живината и јајцата, млекото и рибата, а додека намалување се забележува кај индустриските и фуражните растенија, овошјето, добитокот и млечните производи.