Зголемени трошоците на живот и цените на мало во декември

32

rast-biznis-pixabay

Фото: Pixabay

Трошоците на живот во декември лани, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,1%, додека кај цените на мало има пораст од 0,4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2017 година, во однос на 2016 година, трошоците на живот бележат пораст од 1,4%, а кај цените на мало има зголемување од 3,2%.

Движењето на трошоците на живот во 2017 година беше различно по одделни групи на потрошувачка. Пораст е забележан во групите: Комуникации за 8,5%, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 6,3%, Транспорт за 5,5%, Ресторани и хотели за 3,8%, Облека и обувки, Рекреација и култура за 1%, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 0,5%, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3%.

Намалување на цените е забележано во групите: Здравје и Останати стоки и услуги за 0,6%, Образование за 0,3%, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2%.

Движењето на цените на мало во 2017 година, исто така, беше различно по одделни групи на производи.

Пораст е забележан во групите: Услуги за 5,5%, Индустриско – непрехранбени производи за 2,3%, Земјоделски производи за 0,9% и Индустриско – прехранбени производи за 0,8%. Групата Пијалаци е на ниво од претходната година.

Трошоците на живот во декември 2017 година, во споредба со декември 2016 година, забележаа пораст од 2,4%, а кај цените на мало има зголемување од 4,9%.

Порастот на трошоците на живот во декември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е резултат  на повисоките индекси на компирот за 1,8%, јајцата за 1%, сирењето и урдата, маслото и маснотиите за 0,7%, оризот за 0,6%, другите прехранбени производи за 0,4%, трбушките, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,2%.

Исто така, во декември 2017 година, пораст на трошоците на живот е забележан и кај болничките услуги за 6,2%, течните горива за домаќинствата за 3,9%, авионскиот превоз на патници и туристичките пакет аранжмани за 2,1%, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, другите лични предмети за 2%, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1,8%, гасот за домаќинствата, градините, растенијата и цвеќињата и услугите за сместување за 1,2%, средствата за чистење и одржување на станот за 0,8%, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за под за 0,7%, услугите за култура за 0,5%, текстилот за домаќинствата, услугите за рекреација и спорт за 0,4%, цврстите горива, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за домаќинствата, мотоциклите, домашните миленици и сродни производи и угостителските услуги за 0,2%.

Намалување на трошоците на живот во декември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 2%, брашното и другите жита за 0,7%, рибата и морските плодови за 0,5%, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,4%, безалкохолните пијалаци за 0,3%, другите пекарски производи, сувото овошје и јаткастите производи за 0,2%.

Исто така, во декември 2017 година, намалување на трошоците на живот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 5,2%, обувките за 1,8%, дисковите, касетите, дискетите, ЦД – ата, филмовите за 1,3%, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 1%, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0,9%, мебелот за домаќинствата, информатичката опрема за 0,6%, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,4%, малите електрични апарати за домаќинствата, телефон и телефакс опремата за 0,2%.