Жештините ќе избришат стотици милијарди долари од европската економија: Како екстремните жештини ја „топат“ продуктивноста

Додека поголемиот дел од Европа се соочува со првиот силен топлотен бран ова лето, климатските експерти предупредуваат дека ова е само почеток. Ел Нињо, кој почна да се развива во мај, треба да се зајакне во текот на летото и да го достигне својот врв во зимскиот период. Последиците би можеле да се манифестираат преку поизразени топлотни бранови, подолги суши и локално интензивни врнежи во различни делови од светот.

Активности на отворено
Екстремната топлина и суша повеќе не се само климатски феномен, туку стануваат и сериозен економски проблем. Според анализата објавена од „Алијанц“ на крајот на мај, настаните поврзани со топлотен стрес во Европа се зголемиле седумкратно од 1980-тите.

Просечниот број на смртни случаи во Европа за време на еден топлотен бран се зголеми петкратно од тогаш. Континентот е особено ранлив поради стареењето на населението, густо изградените градови кои ја задржуваат топлината и многу слабата распространетост на климатизацијата – само околу 19 проценти од зградите се климатизирани, додека во САД тој удел е околу 90 проценти.

Затоа секоја нова епизода на екстремна топлина станува економски шок. Продуктивноста на работата нагло опаѓа кога температурата надминува 30 степени Целзиусови. „Алијанц“ проценува дека продуктивноста се намалува за околу три проценти за секој дополнителен степен помеѓу 30 и 35° C, додека трошоците за енергија поради ладењето растат за околу 1,2 проценти за секој степен.

Компаниите истовремено произведуваат помалку и плаќаат повеќе за енергија, што ја намалува профитабилноста, инвестициите и конкурентноста. Најизложени се градежништвото, земјоделството, логистиката, транспортот и производството, т.е. активностите што зависат од работа на отворено или во големи производствени капацитети.

Ел Нињо дополнително го зголемува притисокот бидејќи во регионите на Латинска Америка може да предизвика обилни врнежи од дожд токму за време на бербата на кафе и какао, отежнувајќи ја бербата и дестабилизирајќи ги пазарните цени на земјоделските производи. За производите што содржат шеќер и какао, две култури кои се меѓу најизложените на суши поврзани со Ел Нињо, според проценката на лондонската финансиска куќа „Марекс“, се очекува цените да пораснат до 8,4 проценти, објави „Блумберг“.

Сличен ефект може да се прелее и на памукот, чие намалено производство влијае на цената на облеката, хигиенските производи и медицинската опрема. Дополнителен ризик е фактот што глобалните синџири на снабдување се силно поврзани, па затоа нарушувањата во еден регион брзо се одразуваат на пазарите низ целиот свет.

Проценките на „Алијанц“ покажуваат дека, во сценариото на повторување на топлотните бранови од последната деценија, Франција би можела да изгуби околу 240 милијарди долари економска активност до 2030 година, Германија 131 милијарда, Италија 147 милијарди, а Шпанија околу 120 милијарди долари.

На ниво на најекспонираните економии, тоа би значело кумулативна загуба од пет до седум отсто од БДП. Последиците се веќе видливи во земјоделството. Белгиските производители на млеко предупредуваат на пад на производството поради топлотен стрес, со загуби од 150 до 200 евра дневно по фарма, што претставува околу 10 до 15 отсто од приходот. Слични трендови се забележани во Франција, каде високите температури го намалуваат производството на млеко и ја зголемуваат смртноста на живината. Анализата на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC) предупреди дека Ел Нињо во 2026 и 2027 година ќе ја зголеми веројатноста за долгорочни суши, пониски нивоа на реките и нови топлотни бранови. Тоа значи дополнителен притисок врз земјоделството, хидроцентралите, водоснабдувањето и цените на храната.