Жито Лукс инвестираше половина милион евра во модернизација на производството

24

Околу 95.000 хектари пченица се посеани годинава и со оглед на временските услови очекуваме подобар квалитет од лани. Приносот ќе биде поголем во подрачјата со пообилни врнежи и најверојатно ќе се движи од 2,7 до 3 тони по хектар, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на Жито Лукс.
Владата спроведува програми за подигнување на приносот, пред се преку обезбедување дополнителни субвенции од 3.000 денари за користење сертифициран семенски материјал. Но, како што нагласи Димовски, многу важни се и релациите со откупувачите и производителите на што се посветува огромно внимание.
“Минатата година имаше сериозни проблеми кои успешно ги надминавме токму во соработка со бизнис заедницата и со максимално разбирање на индивидуалните производители. Сакаме да ги исклучиме таквите критични ситуации. Веќе го подготвуваме акцискиот план во соработка со откупувачите и земјоделците за да обезбедиме услови за добар род и регуларен откуп”, истакна министерот.
Истовремено, додаде, се води сметка за заштита на автохтоните сорти пченица како најотпорни на климатските промени кои го имаат зафатено подрачјето на државата.
“Ние сме една од петте држави кои се најизложени на последиците од климатските промени. Министерството во соработка со меѓународните институции предвидува сет мерки за успешно справување со нив. Еден од начините е производство и употреба на сертифицирано семе”, посочи Димовски.
Посетата на Жито Лукс е дел од подготовката за годинашната жетва. Компанијата е една од најстабилните партнери на Министерството за земјоделство и откупува најмногу пченица од домашно производство.
“Во изминатиот период имавме одлична соработка со Жито Лукс која, се надевам, ќе ја интензивираме зашто ни требаат стабилни, сериозни партнери. Производителите се најзадоволни кога склучуваат договори токму со Жито Лукс“, потенцира министерот.
Жито Лукс во изминатиов период инвестира преку половина милион евра во модернизација на своето производство. Истовремено, многу средства се вложени за добивање сертификати за високотехнолошки процеси на производство на леб.
Нашата компанија континуирано вложува и во општествено-одговорни активности на територијата на целата Република Македонија. Овие активности станаа практика и со сигурност ќе продолжат, велат од Жито Лукс.