Жито Лукс: Подобрена бруто добивката за 17% во 2015 година

20

zito-luks

Компанијата Жито Лукс во 2015 година успеа да ја подобри бруто добивката за 47 милиони денари односно 17% во споредба со минатата година. Причина за добриот резултат е фокусот на менаџментот на сегментите со висока профитна маржа и подобро управување со трошоците, стои во соопштението, објавено на Македонска берза.

“Вкупните приходи од продажба се намалени за 1%, поради дефокусот на компанијата од производите со ниска профитна маржа како што е професионалното брашно. Од друга страна, високо профитабилните производи бележат пораст на продажбата. Продажбите на леб се зголемени за 4%, а исто така се зголемени и продажбите на брашно за домашна употреба. Најистакнат момент на годината беше лансирањето во четвртиот квартал на нова категорија производи – бисквити под брендот на Жито Лукс“, велат од компанијата.

Подоброто управување со производните трошоци и пониската цена на пченицата, како што се наведува, доведе до намалување на трошоците на продадени производи за 7% или зголемување на бруто добивката за 17% споредено со истиот период минатата година.

Трошоците за продажба и маркетинг се зголемени за 4% поради интензивните комерцијални активности како во трговијата така и во маркетингот.

“Намалувањето на категориите останатите оперативни приходи и останати оперативни расходи во споредба со минатогодишните резултати е поради еднократниот ефект од отуѓени нетековни средства расположливи за продажба во 2014 година“, стои подолу во соопштението.

Менаџментот на компанијата, како што се наведува во соопштението, ги продолжува напорите за подобрување на оперативната добивка и обртниот капитал. Стратегијата е насочена кон проширување на постојните пазари и навлегување во нови, лансирање на производи со додадена вредност кои ќе ги задоволат специфичните потреби на потрошувачите и силна рекламна покриеност на овие иницијативи.