Oткако беше формиран Комитетот за стечај, Владата усвои план за суштинска реформа на законодавството за стечај. Со реформата ќе се забрзаат процесите за решавање на стечајните постапки, ќе се зголеми транспарентноста на процесите, ќе се зголемат и стимулираат можностите и опциите компаниите да не одат во стечај, туку да бидат насочувани кон реорганизација на деловниот потфат и продолжување со работа.
“Владата ја отвора јавната дебата за оваа сериозна и суштинска реформа на законодавството. Владата усвои правна рамка во која ќе се дефинира Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за стечај”, соопшти вчера владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Доколку се појават потешкотии во работата, наместо гасење на компанијата преку стечајна постапка ќе се стимулира реорганизација на деловниот потфат, односно опциите да се продолжи со работа преку квалитативни измени во бизнисот. За таа цел, привремениот стечаен управник ќе добива значителна финансиска награда која ќе биде поврзана со фиксен износ во зависност од големината на конкретниот бизнис.
За зголемување на транспарентноста на процесите, отстранување на аномалиите и подобро процесуирање на постапките ќе се воведе електронско постапување во делови од стечајната постапка, која ќе гарантира независност и фокус на приоритетите.
“Одлуките од судот во врска со стечаите ќе се објавуваат на новововедена електронска рубрика Е-стечај на веб страна на Централниот регистар; се воведува електронско именување на стечајни управници со што се врши рамномерна распределба на предметите;…се воведува електронска продажба на имотот на должникот; се ограничува бројот на огласи за продажба на 3 огласи, и по 3 неуспешни обиди се распределува имотот на доверителите и се заклучува стечајната постапка. Со ова се елиминира одолговлекувањето на постапките со што се избегнува намалување на вредноста на имотот што е предмет на продажба”, рече Ѓорѓиев.
Третиот корпус на измени се однесува на значително намалување на роковите за постапување, со што ќе се придонесе за брзо процесуирање на предметите, ефикасност и ефективност, како и заштита на вредноста на имотот.
Стечајниот совет, како орган кој решава по жалби, ќе биде укинат и со тоа се скратува времетраењето на постапката, а по спорови во врска со стечајот наместо во парнична постапка кај друг судија, ќе се решава пред стечајните судии со што се добива во време. Во просек роковите за постапување се кратат за половина од постоечките, а финалните ќе бидат утврдени по јавната дебата.
“Овој Нацрт-предлог закон за измена и дополнување на Законот за стечај е испратен до меѓународни организации за да дадат мислење и евентуално да го подобрат квалитетот на законот, а ќе има и јавна дебата за текстот на законот со засегнатите страни”, рече Ѓорѓиев.
Во само една година на функционирање на Комитетот за стечај бројот на стечајни постапки, односно предмети, кои се заклучуваат односно завршуваат на годишно ниво е зголемен за 50%, и тоа од просечните помеѓу 80-100 постапки кои се завршувале во текот на изминатите години, минатата година се затворени 150 постапки. Тоа придонесува и вкупниот број на активни стечаи, како резултат на работата на Комитетот за стечај, да е намален за 20%.