Раст на побарувачката и понудата на недвижности во Македонија

45

Македонскиот пазар на недвижности е во поволен период, којшто го одбележуваат раст на побарувачката на станови, голема понуда на станови и деловни објекти и релаксирани банкарски услови за земање станбени кредити.

Ова е генералниот заклучок на учесниците на првата Конференција за инвестиции во недвижности во Македонија, што се одржа во организација на првата електронска аукција во Македонија Е-аукција.мк и Knowledge Center.

“Континуираниот раст на расположливиот доход на населението паралелно со стагнацијата на цените на пазарот на недвижности во посткризниот период води кон заклучок дека моќта за купување недвижности во Република Македонија е зголемена“, изјави Анита Ангеловска – Бежоска, вицегувернер на НБРМ.

Анализата на НБРМ покажува дека понудата на станови на македонскиот пазар во изминатите 13 години порасна 10% при што најизразен е порастот во Скопје и во Полошкиот регион. Цените во посткризниот период во Скопје стагнираат за разлика од периодот пред 2008 година кога бележеа пораст од 62%. Позитивните оценки за пазарот на недвижности, според Бежоска, е податокот дека по 2009 година стапката на пораст на станбените кредити е повисока од општата стапка на кредитирање на населението.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески изјави дека голем напредок на пазарот е сè поголемиот број на катастарски услуги да се нудат преку Интернет што ја зголемува транспарентноста и сигурноста на пазарот. Катастар ги охрабрува и поттикнува новите и иновативни платформи каква што е e-aukcija.mk, првата македонска платформа за електронска аукција на недвижности, со кого имаат потпишано договор за соработка.

Позитивните тенденции на градежниот пазар и во 2017 година очекува Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво при Стопанската Комора на Република Македонија.

“Целта на конференцијата е да ги донесе сите чинители со влијание во секторот на недвижности на едно место, да ги идентификува трендовите и да биде една од алатките со која ќе се постигне поголема транспарентност“, изјави Бранко Ѓуровиќ, проект менаџер на Е-аукција.мк.

Е-аукција.мк е прва онлајн аукциска куќа за недвижен имот во регионот, производ на проектот Аукциски Тигар, поддржан од компанијата Knowledge Centar и Фондот за иновации на РМ.

Целта на Аукциски Тигар е да го раздвижи пазарот на недвижнини во земјата, да понуди решение за побрзи трансакции и зголемување на ликвидноста на компаниите и институциите кои имаат имот по основ на побарувања, да го отвори пазарот за странски инвеститори и фондови кај кои електронското наддавање е воспоставена пракса.