Кога компјутерот ќе ни го замати видот

690

Употребата на компјутерите е составен дел од работата и животот на многу луѓе.

Компјутерите ја олеснуваат нашата работа и нѐ прават поефикасни, но за жал тие истовремено влијаат и на нашето здравје, особено на очите кои се најпогодени и најподложни на нивното влијание.

Од така наречениот синдром на компјутерски вид страдаат сè поголем број граѓани.

sl

Што е компјутерски визуелен синдром?

Синдромот на компјутерски вид се дефинира како напрегнување на очите, серија на едноставни проблеми со очите и видот, поврзани со честата и подолготрајна употреба на компјутер. Американската Асоцијација за Оптометрија (American Optometric Association – AOA) која го вовела во медицината терминот “Computer Vision Syndrome” дава поширока дефиниција според која компјутерскиот визуелен синдром опфаќа очни проблеми и проблеми поврзани со видот, а кои се јавуваат кај лицата кои подолго време поминуваат пред компјутерските екрани.

Иако кај повеќето поединци постојат предуслови за нормален вид, секој кој поминува два или повеќе часа во текот на денот работејќи на компјутер има предиспозиции да развие КВС. Овој синдром го имаат околу три четвртини од корисниците на компјутер. А причината е едноставна: човековото око не е прилагодено за долго гледање во екранот на компјутерот, морфологијата на окото не се менува како што се менува и усовршува технологијата. Фокусирањето на екранот е многу потешко од фокусирањето на пишаниот, односно печатениот материјал. Сликата на екранот е создадена од премногу ситни точки, така наречени пиксели. Овие точки имаат јасен центар, но нејасни ивици, што всушност го попречува доброто фокусирање. Така настанува постојаното напрегнување на окото, за да остане остра сликата која се гледа и како последица на тоа напрегање доаѓа до замор на очните мускули. Покрај тоа, на настанувањето на компјутерскиот визуелен синдром влијаат и резолуцијата на екранот, треперењето и рефлексијата.

Симптоми на синдромот на компјутерски вид

Најчестите симптоми на синдромот на современото општество се поделени во три групи:

  • Проблеми со видот – заматен вид, потешкотии во фокусирањето, чувствителност на светлина, промена во перцепцијата на боите, чувство на треперење
  • Проблеми со очите – суви очи, црвенило во очите, чешање, печење во очите, чувство на напнатост, чувство на туѓо тело во окото
  • Општи тегоби – главоболки, болки во вратот, рамењата и грбот, поспаност, замор, лоша концентрација.

sl2

Превенција и лекување

Пред сѐ неопходно и најважно е да се прави редовен преглед на очите еднаш годишно. Доколку почувствувате вакви или слични тегоби, обратете се во очната болница Деница за понатамошно иследување, потврдување или исклучување на овој проблем.

  • Носете очила со заштитен антирефлексен слој препишани од страна на очен лекар
  • Користете лубрикантни капки кои ги подмачкуваат очите и кои го спречуваат испарувањето на солзите. Доволни се 2-3 капки дневно.
  • Одалечете го екранот отприлика на 50-70 cm од очите.
  • Вежбајте и при седењето – одвреме навреме протегнувајте ги рацете, нозете, вратот и рамењата.
  • Гледајте настрана од екранот на секои 30 минути и фокусирајте го погледнот на одалечени предмети барем по 20 секунди. Или фокусирајте го погледот по 5 до 10 секунди еднаш на блиски предмети, еднаш на подалечни предмети, отприлика 10-ина пати.
  • Трепкајте почесто – трепкањето ја спречува сувоста на окото и неговата иритација.
  • Намалете го осветлувањето на просторијата половина од она што се користи во повеќето канцеларии. И елиминирајте го надворешното светло со помош на завеси или ролетни.

Иако симптомите кои настануваат при честата работа на компјутер се сметаат за краткотрајни и минливи, постои мислење дека долготрајното фокусирање на видот и очите на блиски предмети може да предизвика т.н. акомодациски спазам со последица дури и појава на миопија.

futer