Фото: Pixabay
Компаниите што работат во ТИР зоните во текот на минатата година оствариле за 29,2% поголем извоз во однос на 2016 година, а се очекува и во наредните години да расте, јавува Миа.
“Преземените активности во технолошко – индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2017 година, особено во втората половина од годината, бележат позитивни резултати со бранот нови инвестиции и реинвестиции од компаниите во зоните. По објавување на Планот за економски раст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал, одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Република Македонија во 2018 година“, соопштуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Посочуваат дека првпат во зоните се нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори. Сметаат дека во согласност со зголемениот инвестициски интерес пројавен по однос на мерките од Планот за економски раст и најавите за нови инвестиции се очекува извозот од ТИРЗ да има нагорни стапки на раст и во наредните години.