Раст на вкупните депозити и кредити на корпоративниот сектор во декември

evra-aparat-za-broenje-pari-pixabay

Фото: Pixabay

Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор во декември е евидентиран висок месечен раст од 6,3%, којшто најмногу произлегува од зголемување на денарските депозити, покажуваат податоците на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

На годишна основа, стапката на депозитен раст забавува и изнесува 2,1% и е резултат на растот на денарските депозити, во услови кога девизните депозити бележат намалување.

Вкупните кредити на корпоративниот сектор на месечна основа се зголемени за 5,7%, со поголем придонес во месечниот кредитен раст на кредитите одобрени во денари. Годишниот кредитен раст од 2,8% се објаснува со зголемено кредитирање на корпоративниот сектор во денари, делумно неутрализирано со намаленото кредитирање во странска валута.

Од друга страна, вкупните депозити на домаќинствата регистрираат месечно зголемување од 3,2% главно детерминирано од депозитните пари (80,8%). На годишна основа, депозитниот раст од 6,1% во поголем дел се должи на депозитните пари, при истовремен раст и кај долгорочните и краткорочните депозити.

Кај вкупните кредити на домаќинствата во текот на декември е забележан минимален месечен раст од 0,1% при годишен раст од 9,2%.

Според намена на кредитите одобрени на физички лица, во последниот месец од 2017 година, најзастапени категории се: потрошувачките и станбените кредити, кај кои што е регистриран месечен раст од 1% и 1,3% соодветно. Кај автомобилските кредити е регистрирано месечно зголемување од 1,1%. Кредитите одобрени на кредитни картички во декември, бележат надолна месечна и годишна промена од 1% и 0,8%.