Народната банка на Република Македонија (НБРМ) на 22-ри и 23-ти овој месец организираше презентација за новиот канал на прекугранични плаќања во евра пред претставници на околу 100 домашни компании коишто имаат значаен обем на надворешнотрговска размена, стои во соопштението.
Од почетокот на 2017 година, во Народната банка започна да функционира новиот канал за прекугранични плаќања во евра, преку остварената врска на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) со платниот систем ТАРГЕТ 2 (Trans-European Automated Real-time Gross settlement Express Transfer system) на Евросистемот. Реализацијата на овој капитален проект претставува втора генерација реформи во делот на платните системи, а значеше остварување на препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, согласно со ИПА проектот Оцена на потребите на НБРМ, спроведен од страна на претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите членки на Европската Унија. Крајна цел на овој проект е да се намалат трошоците за извршување на прекуграничните плаќања во евра и да се скуси времето на извршување на трансакциите.
На презентацијата, компаниите се запознаа со придобивките од новиот канал за прекугранични плаќања во евра, односно како можат да извршат поевтини, брзи и сигурни плаќања во евра. За пошироко промовирање и користење на овој нов платежен канал, Народната банка изработи флаер со детални информации за начинот на којшто компаниите и физичките лица можат да ги извршуваат плаќањата во евра.
Народната банка и во следниот период силно ќе биде посветена на промовирање на новиот канал за извршување на прекуграничните плаќања во евра со цел поблиско запознавање на корисниците на платежни услуги со придобивките од неговото користење.