Општината Кичево вчера доби нова пречистителна станица за третман на отпадни води, со што трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина. Пречистителната станица е сместена во близина на Кичево е со инсталиран капацитет за 48.000 жители. Реализацијата на проектот вклучува и изградба на колектор и пристапен пат.
Проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Кичево е финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), од делот за регионален развој – компонента три. Вкупната вредност на Пречистителната станица за отпадни води во Кичево изнесува 8,3 милиони евра.
Реализацијата на проектот е во соработка со Секторот за ЕУ при Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии. Успешната реализација на овој проект е предуслов за реализирање на уште поголем проект за општина Кичево во рамките на ИПА 2 кој предвидува рехабилитација и изградба на нова канализациона мрежа во должина од приближно 100 километри.
Пречистителната станица во Кичево ќе биде од огромно значење за жителите од овој крај како и за подобрувањето на квалитетот на животот.
Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Кичево ја реализираше компанијата WTE Group, која е во сопственост на ЕВН Групацијата. WTE Group е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ, присутна во 18 европски земји со проекти од оваа област.
Пречистителната станица во Кичево е изградена за помалку од две години и е втора што е пуштена во употреба во рамки на проектот. Првата пречистителна станица беше пуштена во употреба кон крајот на минатата година, а лоцирана е во с. Сачево, Струмица. Се очекува наскоро да биде пуштена во употреба и третата пречистителна станица која се наоѓа во Радовиш. Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.