Матео Банди, дипломец на Кралскиот Колеџ за уметност во Лондон, дизајнираше серија на предмети кои работат само кога се поврзани со паметен телефон, со цел, како што вели авторот, да им се помогне на луѓето кои практично се зависни од своите смартфони, пишува Dezeen.
Предметите се наречени Sidekicks, и се состојат од будилник, проектор, звучник и светилка. Секој Sidekick работи само кога смартфонот на корисникот е вклучен на нив. Ако корисникот се обиде да го употреби телефонот на било кој начин, предметите престануваат да функционираат.
Банди, ги одбрал овие предмети бидејќи нивното истовремено користење со телефонот, може значајно да го наруши вниманието, па затоа смислил опција да се користи или едното или другото.Станува збор за постоечки објекти коишто Банди ги преработил со една уникатна карактеристика: ниту еден од нив нема копче за вклучување/исклучување, туку може да функционира само кога физички ќе се остави телефон на нив.
Така, светилката помага во задржувањето на фокусот кога се работи на работна маса, бидејќи нејзината работа автоматски ја исклучува употребата на смартфонот.
Проекторот, на пример, помага да се избегне одвлекувањето на вниманието кон блескавиот телефонски екран кога гледате филм, а будилникот е дизајниран да се користи на крајот од денот кога се покажало дека зачестената употреба на паметните телефони значително го нарушува спиењето.
Четирите објекти се контролираат со апликација, која се активира кога корисничкиот уред е вклучен во еден објект, а исто така на корисниците им покажува и колку време го поминале користејќи го телефонот тој ден.
Постои можност дури да се постават цели на апликацијата со избирање на “колку време сакаат да поминат без да го употребат телефонот“. Доколку е активирана таа опција, и целта се достигне, секој објект ќе го “награди” корисникот со посебна скриена функција.
На пример, проекторот ќе создаде прилагодено печатење на филмот, работната ламба ќе го прослави успехот со шарена анимација на светлината, будилникот со ласерски зрак ќе проектира движечка шема на таванот итн.
Првично објектите беа дизајнирани да ги казнуваат корисниците во случај на прекумерна употреба на телефонот, но сепак дизајнерот се предомислил.
Банди не е првиот дизајнер кој се обидува да се справи со зависноста од паметен телефон. Во 2017 година, дизајнерот Клеменс Шилингер создаде збир терапевтски објекти слични на телефон, а слично на тоа и српското студио Alter Ego Architects дизајнираше концепт за 3D печатен мобилен телефон со интерфејс кој има само броеви и симболи и нема апликации.
Фото: Matteo Bandi Design