
Со воведување на праведен, прогресивен данок во Македонија ќе се обезбедат дополнителни средства за воведување на минимален гарантиран приход. Со ова, најдоходовните граѓани ќе им помогнат на ранливите категории на граѓани, стои во соопштението од Министерството за финансии.
Најдоховните 1% граѓани имаат вкупна ефективна даночна стапка којашто е пониска од онаа на останатите. Затоа, како што се наведува, прагот за прогресивното оданочување е поставен за да ја опфати токму оваа група граѓани.
“Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8% за делот од доходот којшто надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10%, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18%“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Со ова, за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста, 10%.
Дополнително, се предлага зголемување на даночното ослободување кај платите и пензиите. Делот на којшто не се плаќа данок би се поставил на 8.000 денари. Со тоа се намалува ефективната даночна стапка за лицата кои остваруваат доход од плати и пензии, особено оние со ниски примања.
Со воведување на прогресивниот данок и минималниот гарантиран приход, како што се вели, ќе се намали јазот помеѓу најсиромашните и најдоходовните граѓани.
Дополнително, се предлага различен третман за доходот од труд и доходот од капитал. За доходот од труд, се предлага дополнителна стапка од 8% за делот од доходот којшто надминува 90.000 денари месечно. Најголемиот дел од граѓаните живеат од својот труд, при што најголем дел од нив имаат доход под 90.000 денари. За доходот од капитал, пак, се предлага единствена даночна стапка од 15%. Најголем дел од овој доход (имот и дивиденди) завршува кај најдоходовните 1%, и оваа категорија граѓани остварува поголем дел од својот доход од капитал, отколку од труд.











