Financial Times: Македонија 18-та според гринфилд инвестиции

154

Земјава е 18-та со 10 проекти поврзани со гринфилд странски директни инвестиции, покажува извештајот на Financial Times.

Македонија е нова на оваа ранг листа заедно со уште 12 други земји, меѓу кои се: Боливија, Кипар, Црна Гора, Узбекистан… За да може една земја да влезе во оваа листа, мора да има реализирано најмалку 10 гринфилд странски инвестиции во текот на 2018 година.

Лидер на листата е Србија со 107 проекти, што е за 26 повеќе во однос на 2017 година.  Меѓу првите 10 земји се најдоа и: Црна Гора, Камбоџа, Литванија, Малта, Узбекистан, Виетнам, Сингапур, Ерменија и Грузија.

Од земјите во регионот, подобра позиција од Македонија имаат и Босна и Херцеговина и Бугарија. На дното на листата се најдоа Кипар, Шри Ланка и Шпанија.

Неодамна земјава се најде и во Извештајот за инвестициите во светот за 2019 година на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој, каде што беше нотирано дека земјава лани оствари прилив по основ на странски директни инвестиции во висина од 737 милиони долари.

Гринфилд инвестиции се однесуваат на вложувања без претходна инфраструктура, деловен простор или работници. Односно, инвеститорот започнува да го создава бизнисот буквално од нула.

Фото: Pixabay