Каде се наоѓа земјава по СДИ во однос на регионот?

26

Фото: Pixabay

Република Северна Македонија во 2018-та година оствари прилив по основ на странски директни инвестиции (СДИ) во висина од 737,1 милиони долари, додека една година претходно беа на ниво од 204,8 милиони долари, покажува Извештајот за инвестициите во светот за 2019 година на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (United nation conference on trade and development – UNCTAD).

Приливите во земјава се трикратно зголемени, најмногу поради инвестиции во автомобилската индустрија во рамки на технолошко индустриските развојни зони.

Од земјите во регионот, Србија е земја со најголем прилив на СДИ, во износ од 4,1 милијарди долари.

Црна Гора забележа пад на 490 милиони долари прилив од СДИ, додека Босна и Херцеговина лани доби 468 милиони долари СДИ.

Од земјите во регионот, што се членки на Европската унија, Словенија има СДИ во вредност од 1,4 милијарди долари во 2018, Хрватска 1,2 милијарди долари, Бугарија две милијарди долари, додека Грција евидентираше прилив од СДИ во вредност од 4,3 милијарди долари.

Во светски рамки, СДИ лани забележаа пад за 13% на 1.300 милијарди долари, што е најниско ниво од светската економска криза.

Под СДИ се подразбира вложување на лице од странство во домашна компанија во којашто странскиот инвеститор добива удел или акции во основниот капитал на домашната компанија и во законски рамки ги стекнува сите други права по основ на тоа вложување. Со тоа, странските директни инвестиции означуваат инвестирање на странски капитал од страна на инвеститор во една земја во компанија во друга земја со цел да се оствари заеднички интерес.