Компании што за рекламирање трошат и по неколку милијарди долари

83

Рекламирањето претставува основна маркетинг алатка што ја користат компаниите за да го промовираат она што го нудат, произведуваат или продаваат. На годишно ниво, компаниите одредуваат буџети што им стојат на располагање за рекламирање, но и за организирање најразлични кампањи, акции и безброј други активности што имаат за цел унапредување на продажбата.

Порталот Howmuch.net направи анализа на 100-те компании што одвоиле најголеми износи за рекламирање во 2017 година. Предводник на листата е телекомуникациската Comcast Corp. од САД, што во 2017 година, за рекламирање потроши 5,7 милијарди долари. Меѓу 10-те компании што потрошиле најмногу пари на рекламирање се и: Procter & Gamble (4,3 милијарди долари), AT&T (3,5 милијарди долари), Amazon (3,4 милијарди долари), General Motors (3,2 милијарди долари), Verizon communications (2,6 милијарди долари), Charter Communications (2,4 милијарди долари), Alphabet (Google) (2,4 милијарди долари) и Samsung Electronics (2,4 милијарди долари).

Од овие 10 компании, девет се од САД, а само последната – Samsung е од Јужна Кореја.

Меѓу попознатите светски брендови се најдоа и: L’Oreal на 14-то место со 2,1 милијарда долари, едно место подолу е Nestle со 2,1 милијарда долари, на 23-то место се најде Walt Disney со буџет од 1,7 милијарди долари за рекламирање, Nike e 31-ви во светот со буџет за рекламирање од 1,4 милијарди долари, PepsiCo е на 34-то место со 1,3 милијарди долари, Coca – Cola е 49-та со 899 милиони долари, Apple едно место подолу со 896 милиони долари потрошени за рекламирање, а Microsoft се најде 10 места подолу со буџет за реклами од 755 милиони долари.

На дното на листата се најдоа овие пет компании: Kellogg (464 милиони долари), Heineken (476 милиони долари), Wayfair (484 милиони долари), Rock Holdings (484 милиони долари) и Doctor’s Associates (486 милиони долари).

Фото: Pexels