Уставниот суд во Црна Гора доби предмет за оценка на уставноста на Законот за внатрешна трговија, со којшто се пропишува трговските објекти што се занимаваат со трговија на мало и големи да не можат да работат во недела, пренесуваат тамошните медиуми.
Станува збор за иницијатива којашто до највисоката судска институција, во септември минатата година, ја поднесе Унијата на работодавачи на Црна Гора.
Оттаму сметаат дека членот за неработна недела, којшто веќе три месеци важи за трговците во Црна Гора, е неусогласен со членот 59 од Уставот со којшто се гарантира слободата на претприемништвото коешто, како што пишува во Уставот, може да се ограничи заради заштита на здравјето на луѓето, животната средина, природните богатства, културното наследство или безбедност и одбрана на државата.
Трговците во Црна Гора, по примена на законот на 20-ти октомври минатата година, веќе забележуваат пад на прометот, како и намалување на бројот на вработени.
Инаку, законодавецот одредил и казни во висина од 1.000 до 10.000 евра, како и клуч на врата, за оние работодавачи чии продавници работат и во недела.
Фото: Pexels