Излезете од комфорната зона, не се плашете од ризик и верувајте во себе

1900

Младите константно да се предизвикуваат себеси, да излезат од комфор зоната, да не се плашат да преземат ризик, да побараат помош и да веруваат во себе и своите соништа. Ова во интервју за Бизнис Инфо го порачува Стефан Младеновски од Stornest. Со него зборувавме за иновативниот продукт што го нуди стартапот, како и за неговите амбиции, планови за во иднина.

Бизнис Инфо: Што претставува Stornest и како започнува приказната на вашиот старт– ап?

Stornest е креатор на првиот продукт на нашиот пазар којшто нуди комплетно решение за нашето лично дигитално наследство. Stornest претставува дигитален сеф во којшто секоја индивидуа може да ги зачува и складира своите важни документи и информации, од било кој формат. Во случај на нереспонзивност, зачуваните податоци се споделуваат со најблиските по предодредени правила, согласно алгоритмот и механизмот којшто ја прави оваа проверка. Производот е базиран на врвна сигурносна инфраструктура, што овозможува безбедно зачувување на податоците и нивно пренесување.

Идејата за креирање на ваков тип на услуга доаѓа од нашите основачи, кои при една непријатна случка со смрт на член од фамилијата, поминуваат низ низа на тешки предизвици при административното средување на сите елементи од овој процес. Главната цел на нашата услуга е да овозможиме мир за нашите клиенти знаејќи дека работите кои ги поседуваат, информации и спомени никогаш нема да бидат изгубени.

Бизнис Инфо: Што сè се подразбира под лично дигитално наследство?

Како лично дигитално наследство (digital legacy) се подразбираат сите работи кои една личност ги поседува и сака истите да бидат споделени со своите најблиски (или ополномоштеници) во случај на своја нереспонзивност. Како најкористени елементи во оваа категорија влегуваат лозинки, тестаменти, имотни листови, осигурителни полиси, хартии од вредност, паричници за криптовалути, слики/видеа и др. Дополнително, во оваа категорија влегуваат и други елементи кои се важни за секого од нас од индивидуална природа кои со помош на нашиот производ ќе бидат доставени на правото место.

Бизнис Инфо: Дали луѓето се свесни за чување на сопственото дигитално наследство и на кого најчесто решаваат да го остават?

Нашата услуга е наменета за глобалниот пазар и за решавање на проблемите кои луѓето ги имаат ширум светот. Како индустрија, истата е во подем во дигитално и општествено високо -развиените земји како САД, Канада, Австралија, Германија и Англија. Со ерата на дигитализација и трансформација на животните навики и стил, сè поголема бројка на луѓе е свесна за дигитализација на своето наследство, како и одбирање на соодветните механизми за споделување на истото со своите најблиски. Како интересна бројка и факт е дека дури 80 милијарди долари се изгубени само во САД поради тоа што наследниците на осигурителните полиси, кои треба да бидат активирани, не се свесни за нивното првично постоење.

Како моментално најчести начини за решавање на овој проблем е изработка на тестамент кај овластено правно тело, водење на не-дигитализиран процес на наследството (печатена форма) како и физичко складирање на документи од секаков формат во сеф.

Бизнис Инфо: Седиштето на вашиот старт – ап е во Дубаи. Како е да се води бизнис од таква метропола, кои се предностите, а кои (и дали има) недостатоци?

Како седиште на нашиот старт – ап е избран Дубаи, најбрзорастечкиот град во светот за минатата декада, како и низа на други фактори кои ни се од огромно значење при нудење на нашата услуга за глобалниот пазар. Како напомена, уште од самиот старт на приказната во 2017 година, во Македонија ги искористуваме сите можни ресурси кои ни се на располагање за успешен развој на услугата во доменот на технички развој и одржување, дигитален маркетинг и брендирање, пазарно истражување и др.

Бизнис Инфо: Од каде најчесто доаѓаат вашите клиенти и кои услуги Stornest им ги нуди?

Како што веќе напоменавме, нашата услуга е наменета за глобалниот пазар и е наменета за решавање на проблемите кои луѓето ги имаат ширум светот. Како главни пазари на кои се фокусираме се САД, Канада, Австралија, Германија и Англија. Моментално сме во завршна фаза на тестирање на бета – верзијата од услугата и официјалното пуштање за користење на нашите идни клиенти ќе биде четврти април.

Бизнис Инфо: Вашиот старт – ап е избран за учесник на програмата за иновации од Insurtech Hub од Минхен. Што ќе значи тоа за Stornest?

Програмата за иновации е замислена како 13-неделна програма во којашто ќе се обработат повеќе теми како развој на производ и негово глобално позиционирање, скалабилност, таргетирани пазари и група на корисници, маркетинг и продажба, добивање на потребната инвестиција и др. Како корпоративни претставници коишто се дел од самата програма се реномираните Allianz, Generali, Microsoft, PWC, Roche, ARAG, Die Bayerische, Munich Re, Markel, LV1871 и WWK.

Организатор на оваа програма е Insurtech Hub Минхен, хаб којшто нуди платформа за соработка и партнерство на корпоративниот осигурителен сектор во Германија, со стартапи, инвеститори, високообразовни институции, консултанти и претставници од владиниот сектор.

Преку учество во оваа програма, Stornest има директна можност за соработка со компании и институции од германскиот корпоративен и старт – ап екосистем, како и за продажба на производот на глобалниот пазар. Ние сме првиот македонски старт – ап којшто ја има добиено шансата за учество во овој тип на програма.

Бизнис Инфо: Размислувате ли Stornest да добие и институционални или компаниски корисници?

Како главен дистрибуционен канал со којшто планираме да ја градиме нашата база на клиенти е остварувањето на директна соработка (B2B2C) со компании од финансискиот и осигурителен сектор, преку кои ќе можеме да ја продаваме нашата услуга како комплементарен дел од нивното продукт портфолио. Дополнително, со помош на дигиталните алатки кои се на располагање, ќе ја нудиме нашата услуга и на сите заинтересирани корисници глобално (B2C), кои сакаат да го решат својот проблем со дигиталното наследство.

Бизнис Инфо: Што му е неопходно за еден старт – ап да може да се развива и расте и дали имате амбиција да станете еднорог?

Постојат многу фактори кои се од есенцијална важност за успешен развој на една старт – ап приказна и не постои едноставна формула којашто може да се применува и реплицира. Како некои од најважните фактори кои би можеле да се издвојат се: идејата и проблемот којшто се решава со истата, тимот кој стои позади услугата и неговата компетентност и визија, тајмингот за пласирање на пазар, скалабилност и план за раст, стратешко планирање и правилна егзекуција на активностите и многу други. Амбицијата на секој старт – ап е да креира успешна приказна од себе и можеби некој ден да го следи примерот на Airbnb, Uber, Lyft, Stripe, DJI, Epic Games и др.

Бизнис Инфо: Кои се вашите претприемачки навики и кој совет би им го дале на младите од земјава кои имаат некоја идеја, но немаат храброст да ја реализираат?

Секоја индивидуа е различна приказна, со свој ментален склоп и начин на размислување, но како успешни елементи кои би можеле да се издвојат се: поставувањето на јасни цели и долгорочна визија, стратешко планирање, правилно менаџирање со ресурси, како и учење од грешките. Како совет којшто би можел да го пренесам на младите кои сè уште се немаат одлучено на овој чекор е константно да се предизвикуваат себеси и излезат од комфор зоната, да не се плашат да преземат ризик и побараат помош и да веруваат во себеси и своите соништа.