Што е заедничко на компаниите General Motors (GM), Burger King, CNN, Uber и Airbnb? Сите се основани за време на економски падови. Да, овие гиганти успеаjа рецесијата да ја свртат во своја полза и прoшират бизнисот.
GM e лансиран 1908 година, кога американската економија доживеа крах по финансиската криза. Од друга страна Burger King својата прва плескавица ја пласираше 1953 година, кога САД повторно беа во рецесија. Првата 24 часовна телевизиска мрежа во светот, американската CNN стартуваше во 1980 година, односно во време кога американската инфлација достигна 15 %.
Интересно е тоа што уште две успешни компании Uber и Airbnb бизнисот го започнаа за време на Светската економска криза, 2007 – 2009. Овие промери се доказ дека рецесијата и тешката финансиска состојба на глобалниот пазар не мора да бидат препрека ниту изговор да впловите во нови деловни води, само е важно да знаете како и во која насока да пливате.
Amazon, Facebook и други компании ги зголемија своите нето добивки за време на карантински мерки, а онлајн трговијата никогаш не била попрофитабилна.
Светската банка предвидува пад на глобалната економија за 5,2% во 2020 година, а многу силни економии се веќе во рецесија.
Сепак, како што покажува историјата некои успешни компании се родени во тешки времиња. На пример во Америка и покрај тоа што за надомест за невработеност се пријавиле повеќе од 40 милиони луѓе од друга страна во изминатата недела поднесени се 67.160 пријави за започнување на нов бизнис.
Интересно е тоа што во однос на истата седмица минатата година, тоа е раст од 21%. Економистите велат дека оваа појава не е необична бидејќи луѓето кога ќе останат без работа за време на криза, бараат нови начини да заработат пари и зависат само од себе, термин познат како (necessity entrepreneurship), претприемништво од нужда.
Фото: Pixabay