Водечки светски банки помалку финансираат производители на фосилни горива

174

Водечките светски банки го намалија финансирањето на производители на фосилни горива за 9% во пандемиската 2020 година, по тригодишен раст, покажуваат официјалните податоци од спроведени истражувања.

Минатата година 60 водечки банки обезбедиле повеќе од 750 милијарди долари на компании што произведуваат фосилни горива, вкупно 2.300 на број, се наведува во извештајот што го потпишуваат повеќе невладини организации.

Во 2019 година им обезбедиле 824 милијарди долари, износ во којшто влегуваат кредити, но и заеми за издавање акции и обврзници.

Најголеми износи на производителите на фосилни горива лани обезбедија JPMorgan Chase и Citibank, од 51,3 и 48,3 милијарди долари.

Меѓу 60-те најголеми банки, италијански UniCredit и Intesa Sanpaolo се најдоа на 35 и 45-то место, со финансиска поддршка од 8,64 и 1,82 милијарди долари. Руски Sberbank го зазеде 47-то место со 1,15 милијарди долари.

Главна причина за намалување на финансирањето на производители на фосилни горива во 2020 година се рекордно ниските инвестиции во секторот, бидејќи пандемијата тешко ја погоди побарувачката за горива.

Фото: Pexels