Нови инвестиции во развој на алтернативниот туризам на уникатни вински микро-локации во тиквешкиот регион

105

Љубителите на врвни вина, одлична храна и алтернативен туризам отсега имаат нови можности за уникатни доживувања во капацитетите развиени во рамки на проектот за ено-гастрономски туризам во тиквешкиот регион, што го реализира компанијата Тиквеш вински туризам, во соработка со, Домен Лепово и Барово. Вкупната инвестиција во новите туристички капацитети изнесува 315 илјади евра, од кои дел се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност на Владата и ЕУ, што се администрира преку Светска банка.

Во рамки на новата современа туристичка понуда креирани се атрактивни содржини кои вклучуваат – камп со сместувачки капацитети во адаптирани вински буриња и нови велосипедски патеки на уникатната винска микро-локација Барово, понатаму атрактивно сместување на локацијата Лепово, како и мултифункционален вински бутик во Кавадарци, кој освен што нуди вино за продажба и дегустација, претставува и изложбен простор со инфо-центар, каде сите заинтересирани можат да добијат информации за туристичката понуда на тиквешкиот регион.

Новите капацитети, развиени во рамките на овој проект, нудат можности за престој во уникатни предели што изобилуваат со природни убавини и чист воздух, а на посетителите им нудат уникатен спој на врвно вино, одлична храна, одмор и рекреација.

“Целта ни е да создадеме иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни активности, како што се велосипедските патеки низ лозјата во Барово. Од големо значење е финансиската поддршка што ја добивме од Проектот за локална и регионална конкурентност и искрено се надеваме дека успехот на овој проект ќе биде вистинско сведоштво за потенцијалот на оваа нова приказна што од денес почнуваме да ја раскажуваме“, истакна Тихомир Касапинов, проект менаџер на Тиквеш вински туризам.

Во реализацијата на капацитетите кои се дел од новата туристичка понуда во тиквешкиот регион во потпроектот Развој на еногастро туризам – искуси ја Македонија се инвестирани 315 илјади евра, од кои 148 илјади евра се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност.