Виктор Векселберг, основачот на Renova Group, конгломерат што контролира инвестиции во енергетика, градежништво и рударство, ќе стане најбогатиот човек во Русија откако на рускиот оператор со гас и нафта, Rosneft ќе и го продаде својот удел во нафтената компанија TNK-BP за 1,5 милијарди долари.
Со тоа имотот на 55 годишниот Векселберг ќе се зголеми на 18 милијарди долари, што е за 700 милиони повеќе од досегашниот лидер на листата најбогати Руси, Алишер Усманов, јавува Блумберг.
Тој можеби не е најпознатиот руски бизнисмен, но секако ќе биде најбогатиот. Векселберг спаѓа во петте руски бизнисмени кои преку концернот AAR контролираат 50% од компанијата TNK-BP, а договорот со Rosneft, вреден 28 милијарди долари, значително ќе го збогати секој од нив. Покрај Векселберг, конзорциумот AAR го контролираат уште Михаил Фридман, Леонард Блаватник, Герман Кан и Алексеј Кузмичев.
Rosneft објави дека ќе ја купи целата компанија ТНК-БП, чии 50% припаѓаат на британскиот BP, а другата половина на концернотAAR.
Роден во Украина, се образовал за инженер и влегол во бизнисот во 1990 година. До 1996 се издига до претседател на Tyumen Oil (TNK) и преговара за 50-50 партнерство со британскиот BP. Станува и соосновач на SUAL Holding, кој подоцна ќе се инкорпорира во RUSAL Company и ќе стане лидер во алуминиумскиот бизнис во Русија и во светот. Подоцна средствата ќе ги интегрира во Renova Group.
Векселберг е сопруг на Марина и татко на две деца, син и ќерка, кои се американски државјани, а самиот тој во една прилика се декларирал како полу – Американец. Се залага за отворени комуникации меѓу рускиот бизнис и западот, но ги научил правилата на игра во Русија – да не ги меша бизнисот и политиката.