Најголемиот дел од деловните субјекти во Македонија се запознаени со своите обврски согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување, но речиси половина од нив не се членки на ниедна компанија колективен постапувач со отпад од пакување , покажува истражувањето спроведено за потребите на компанијата Пакомак.
Сепак, од Пакомак информираат дека истражуваниот примерок е од поголемите и средни компании, додека ако се вклучат и малите, се очекува овој процент да биде двојно помал…
Исто така по иницијатива на Пакомак, се спроведе и истражување за испитување на јавното мислење на теми поврзани со екологија, селектирање и рециклирање на амбалажен отпад, како и препознатливост на брендот Пакомак, во три главни сегменти – бизнис сектор, население во Македонија и население во Скопје.
Истражувањето спроведено во бизнис секторот во Македонија на репрезентативен примерок од 151 компанија, покажа дека 83 од сите испитани компании или 55 % се членки на некоја компанија чија дејност е управување со отпад од пакување, а најголем број од нив-61 компанија е членка на Пакомак.
Компанијата, исто така може да се пофали и со најголема препознатливост на брендот во оваа дејност. Имено за 57,7 % од испитаниците Пакомак е прва асоцијација кога станува збор за компанија колективен постапувач со отпад од пакување, а голем дел од испитаниците не знаеле да набројат некоја друга компанија колективен постапувач со отпад, освен Пакомак.
Според истражувањето, најголем број 77,5 % од деловните субјекти се запознати со своите обврски согласно ЗУПОП (Законот за управување со пакување и отпад од пакување) и најголемиот број од нив го оценуваат како закон позитивен за општеството, од кој што сите имаат бенефити.
Но, сепак, речиси половината од испитаните компании (45%) не се членки на ниедна компанија колективен постапувач со отпад од пакување, а како причини за тоа ги навеле малите количини на отпад од пакување, дека сами се справуваат со управувањето со отпадот од пакување, дека се во процедура да потпишат договор или пак имаат договор со општината или државата, додека добар дел од нив немаат одговор на ова прашање.
За тоа која законска можност за постапување со пакување и отпад од пакување најмногу им е прифатлива, најголем дел или 46,4 % од испитаниците се изјасниле дека најмногу би им одговарало да постои колективен постапувач како Пакомак, 31,1 % се изјасниле дека преферираат секоја компанија сама да се грижи за својот отпад, а 20,5 % се изјасниле дека најприфатлива им е можноста да и плаќаат на државата за управување со отпад.
Истражувањето покажа и дека треба да се поработи на едукацијата за тоа кои се обврските на една компанија постапувач со отпад од пакување, бидејќи голем број од испитаниците 40,4% се изјасниле дека не знаат кои се обврските на една компанија која е колективен постапувач со отпад од пакување.
Останатите сметаат дека обврската на една ваква компанија би била да го собира амбалажниот отпад, да рециклира, да поставува контејнери, подготовка на извештаи, спроведување на годишен план, потоа едукација за подигнување на јавната свест, одделување средства за Министерството за животна средина и просторно планирање, како и носење на отпадот на депонија. Цената на услугата, професионалниот однос, редовното и навремено собирање на амбалажниот отпад, сигурноста пред законот, имиџот на компанијата и квалитетот на услугата се факторите кои компаниите ги издвоиле како најважни во избор на компанија за управување со отпадот од пакување.
“Го инициравме ова истражување со цел подлабоко да се запознаеме со размислувањата и очекувањата на граѓаните, но и компаниите, нивните еколошки навики и нивото на еколошка свест. Целта ни е што повеќе компании да се вклучат во некој колективен систем за постапување со отпад од пакување и да финансираат селективно собирање и рециклирање на истиот. Единствено на тој начин може да сосдзадеме предуслови да се штедат природните ресурси кои се ограничени и можеме да се надеваме на почиста животна средина и еколошки здрава иднина за сите насˮ, изјави Филип Ивановски, главен извршен директор на Пакомак.
За тоа дека компаниите – загадувачи треба сеуште да поработат на усогласувањето со законските регулативи за управувањето со отпадот, говорат и податоците дека од вкупната количина 115.000 тони отпад од пакување кој се создава во текот на една година, само за помалку од 50.000 тони или 40%, се финансира негото собирање, додека за поголемиот дел ниту една компанија-загадувач со ваков отпад не плаќа, ниту пак е санкционира соодветно заради тоа.