
Швајцарската национална банка (SNB) објави дека ќе издаде нова серија банкноти со сосема нов дизајн, кој е инспириран од релјефот и природата на земјата. Конкурсот за графичко решение го доби компанијата Emphasis Sarl со концептот „Швајцарија во релјеф“.
Како што објави SNB, нивниот проект доби највисока вкупна оценка од независно жири и граѓани во јавна анкета.
Новата серија банкноти ја прикажува Швајцарија од најдлабоките долини до највисоките планински врвови, преку мотиви на растенија, пејзажи и секојдневен живот.
SNB вели дека модернизацијата на банкнотите е важна за да се подобри безбедноста и да се олесни откривањето на фалсификати. Иако употребата на готовина се намали во последниве години, таа останува многу распространето средство за плаќање во Швајцарија, каде што околу една третина од сите трансакции сè уште се извршуваат во готово.











