Десет компании ќе добијат ХАЛАЛ стандард од Министерството за економија

108

A sign for Halal food is seen at the Halal exhibition in ParisДесет компании ќе бидат целосно финансирани од страна на Министерството за економија во 2014 година за да можат да го имплементираат ХАЛАЛ стандардот, најави денеска ресорниот министер Валон Сарачини.
“За следната година предвидовме околу 3,1 милиони денари за кои сметаме дека се доволни за целосно покривање на трошоците на 10 компании кои ќе се пријават на јавниот оглас на Министерството за економија за воведување на ХАЛАЛ стандарди”, рече министерот Сарачини.
Министерот упати апел до сите заинтересирани компании кои сакаат да го зголемат нивниот извоз и да се обидат да настапат на трети пазари да се пријават на огласот во Министерството за економија, кој ќе започне на 27 јануари, да ја соберат потребната документација и да добијат средства доволни за покривање на сите трошоци за имплементирање на ХАЛАЛ стандард.
Сарачини потсети дека Министерството и годинава имаше предвидено финансиски средства за покривање трошоци за консултантски услуги за воведување на ХАЛАЛ стандардот и дека имало добар интерес кај компаниите.
Живко Мукаетов, генералниот директор на Алкалоид, информираше дека компанијата вовела ХАЛАЛ стандард во 2012 година.
“Тоа претставува додадена вредност за компанијата зашто ни овозможува да бидеме присутни на пазари на кои претходно не сме биле. ХАЛАЛ сертификатот го имаме во делот на програмата Билкарство”, рече Мукаетов.
Мукаетов посочи дека ХАЛАЛ стандардот им помогнал да бидат поприсутни на арапските пазари.
“Годинава отворивме наша компанија во Истанбул, Турција. Идејата ни е преку неа да се позиционираме на арапските пазари. ХАЛАЛ сертификатот ни е посебно добредојден зашто со него ќе бидеме поконкурентни”, рече Мукаетов.
Тој додаде дека ХАЛАЛ стандардот претставува и дополнителен мотив за консумација и на пазарите во ЕУ и САД.
Извршниот директор на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов посочи дека ХАЛАЛ стандард вовеле во 2010 година.
“Тоа првично го направивме за да бидеме поконкурентни и нашите производи да стекнат поголема доверба кај потрошувачите во арапските земји и земјите од МАГРЕБ. Ние и претходно имавме извоз во овие земји, но по воведувањето на стандардот извозот двојно ни се зголеми и од првичните половнина милион долари порасна на еден милон долари годишно”, рече Цветанов.
Тој истакна дека Макпрогрес извезува во 15-тина земји во тој регион, а најмногу во Алжир, Либија, Јемен, Јордан, Саудиска Арабија, Израел, Палестина и Азербејџан.
Досега во Македонија има 11 компании кои го имаат имплементирано ХАЛАЛ стандардот, а четири компании се во процедура за воведување.
ХАЛАЛ пазарот е еден од најбрзорастечките пазари. Досегашната стапка на пораст изнесува 40% годишно, а за следната година се очекува да биде 50%.
Светскиот пазар на ХАЛАЛ производи се проценува на 650 милијарди долари годишно, а европскиот ХАЛАЛ пазар на околу 66 милијарди евра годишно. Во земјите на Западна Европа две третини од консументите на ХАЛАЛ производи не се муслимани, но за нив овој стандард е синоним за здрава храна.