Потврдите за извоз на тутун и вино наскоро ќе се издаваат електронски

Многу скоро се очекува електронски да се издаваат потврдите за извоз на тутун и вино. Министерот за дигитална транформација Стефан Андоновски вели дека процесот е во фаза на тестирање. Очекува голем интерес како од страна на производителите, така и од страна на извозниците.

„Со Инспекторатот за земјоделство многу скоро започнуваме со издавање на потврдите за извоз на тутун и вино коишто многу се користат затоа што за секоја серија се бара нова потврда. Во завршна фаза и тестирање сме на оваа услуга. Очекувам огромен интерес од страна на производитеите и извозниците“, изјави денеска министерот Андоновски, кој присуствуваше на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители.

Андоновски најавува дека наскоро електронски ќе се врши и пријавувањето новороденче со тоа што првично најавуваниот рок од 48 часа за издавање на изводот е скратен на 24 часа.

„Паралелно со тоа работиме и со Фондот за здравствено осигурување по автоматизам да се активира здравственото осигурување за новорденчиња и социјалната помош за новороденчиња“, рече Андоновски.

Андоновски е задоволен од националниот портал uslugi.com.mk каде, како што посочи, се бележи раст на бројот на трансакции од 150 проценти на месечно ниво.

„Бројот на приклучени институции од приватниот и од државниот сектор од отприлика 30 до 35 институции во 2024 година денес достигнува бројка од околу 90 институции и компании. Како што знаете, порталот го отворивме и за приватните компании, закачувањето е бесплатно, а споделувањето на информации е безбедно, заштитено со закон и на платформа којашто не дозволува протекување на информации“, нагласи Андоновски.