
Вкупниот светски долг се зголеми за 10 трилиони долари (8,5 трилиони евра) во првата половина од оваа година и надмина 365 милијарди долари (310 милијарди евра), а зголемените трошоци за сервисирање на долгот претставуваат голем ризик за владите на многу земји, објави Институтот за меѓународни финансии (Institute of International Finance – IIF).
Според истражувањето, државниот долг расте во време кога приносите на среднорочните и долгорочните државни обврзници во некои од најголемите економии во светот достигнаа највисоки нивоа за повеќе од една деценија, објави CNBC.
Ова ги вклучува САД, Јапонија, Франција и Обединетото Кралство, а зголемувањето на приносите ја одразува растечката загриженост на инвеститорите поради повисоките каматни стапки, долготрајните ефекти од високите трошоци за енергија, слабиот економски раст и високата државна потрошувачка.
IIF посебно издвои четири големи економии, велејќи дека тие се соочуваат со „постојано големи дефицити и растечки трошоци за камати“, проблеми кои долго време се поврзуваат со презадолжените земји во развој.
Развиените економии минатата година платија повеќе од 3,3 трилиони долари (2,8 трилиони евра) камата за меѓународно тргувани државни обврзници, повеќе од глобалната потрошувачка за вештачка интелигенција, која изнесуваше 2,2 трилиони евра, одбрана од 2,6 трилиони евра и чиста енергија од 2 трилиони евра.
IIF предупреди дека долгот станал и политичко прашање, создавајќи „маѓепсан круг помеѓу изборите и краткорочните брзи решенија“, а воедно ја зголемува долгорочната ранливост како што се намалуваат придобивките од понатамошното задолжување.
„Со зголемувањето на референтните каматни стапки, се очекува трошоците за камати нагло да се зголемат, додека структурните влијанија предизвикани од трошењето за здравство и јавни пензии остануваат во голема мера нерешени“, соопшти IIF.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз во својот меѓуекономски извештај објавен во среда изјави дека зголемувањето на приносите од обврзниците укажува на потребата од поголеми напори за ограничување и пренасочување на владините трошоци, подобрување на ефикасноста на јавниот сектор и зголемување на приходите.











