Поранешниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Доминик Строс-Кан, подготвува тужба за клевета против американскиот режисер Абел Ферера, поради филм што се базира на неговиот секс скандал, пишува BBC.
Станува збор за филмот Welcome to New York на Ферера, инспириран од скандалот во кој беше вмешан Строс-Кан и поради кој ја напушти челната позиција на ММФ. Филмот ја раскажува приказната на француски банкар кој силува жена во хотел во Њујорк.
Шеесет и петгодишниот Строс-Кан пред три години беше уапсен во хотелот Sofitel во Њујорк по обид за силување на вработена во хотелот.
Според адвокатот на Строс-Кан, Џон Веил, поранешниот шеф на ММФ бил згозен од филмот и планира да покрене постапка за клевета.
Главниот лик во овој контроверзен филм, кој премиерно беше претставен на Канскиот фестивал, ја толкува францускиот актер Жерард Депардје.