Кинески Sinohydro заинтересиран за инвестирање во Хрватска, БиХ и Македонија

178

sinohydro

Кинеската компанија за енергетика и инфраструктурни проекти Sinohydro планира да инвестира во Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија, пишува хрватски Index.hr.

Во јуни претставници на Sinohydro ќе ја посетат Хрватска со цел да се разгледаат можностите за учество на кинеската компанија во инфраструктурни проекти, како и во приватни проекти на хрватски компании.

Еден од секторите за кои Sinohydro покажува интерес во Хрватска се мини хидроелектраните за производство на струја од кинетичка енергија на водените текови. Станува збор за иновативна технологија која ја развива хрватската компанија Hydro Force.

Исто така, Sinohydro  е заинтересиран за вклучување во развојни проекти на градската инфраструктура во регионот.

Sinohydro е мошне активен во регионот, бидејќи веќе се вклучени во проект за изградба на мост во Белград и автопат Бар – Бољаре во Црна Гора.

Во Македонија, оваа кинеска компанија ги започна градежните работи за изградбата на автопатот Миладиновци – Штип. За изведување на градежните работи покрај вработените на компанијата Sinohydro се ангажирани и лица и градежни компании од Македонија. Sinohydro е вклучена и во изградба на автопатската делница Кичево- Охрид. Двата проекта се кредитираат од кинеската компанија Ексим банка во износ од 580 милиони евра.