Словенецот Изток Мохоровиќ е голем љубител на планинскиот велосипедизам, но животните услови го навеле на идејата да направи градски велосипед од дрво.
“Во слободно време возам велосипедот до најблиската планина, а бидејќи моментално живеам во град каде што не можам да го возам тој велосипед, дојдов на идеја од својот омилен материјал да изработам велосипед што ќе се користи во градските средини“, вели Мохоровиќ.
Тој е дипломиран шумар од Биотехничкиот факултет во Љубљана и веќе десет години работи со дрво. Досега изработил шест велосипеди кои ги нарекол woodster, а еден примерок успеа и да продаде. За изработка на еден велосипед му се потребни од 18 до 20 часа. Нацртите ги изработува во 3D техника, а потоа на CNC машира ја изработува рамката. Потоа следи рачна обработка на велосипедот за да му даде фина завршница на рачниот труд, пренесува Пословни дневник.
“Токму таа последна фаза секој велосипед го прави уникатен модел“, вели Мохоровиќ. Тој за изработка на велосипедите користи бука и јасен. Овие еколошки и креативни модели ќе бидат претставени на изложба во рамки на Месецот на обликување на шести октомври во Љубљана.
Мохоровиќ вели дека постои голем интерес за неговиот велосипед, но и понатаму се соочува со забелешки дека основната верзија на woodster со цена од 949 евра е превисока.
“На Словенија и е потребен скок во мислењето дека овој уникатен велосипед не може да чини најмногу 300 евра“, вели креаторот на велосипедот, додавајќи дека дрвениот велосипед е многу поудобен и има повеќе предности во однос на оние кои се изработени од различни метали. Дрвото полесно ги впива вибрациите од патот, па возачите ќе имаат многу поедноставно и полесно возење.
Засега сите што се љубопитни ќе можат да го пробаат возењето само кај Мохоровиќ, но наскоро овие велосипеди ќе бидат достапни и преку дистрибутери. За испорака на велосипедот потребни се 14 дена, а низ Словенија ќе го доставува тој лично бидејќи сака да задржи контакт со купувачот. Мохоровиќ е уверен дека со неговиот производ може да биде подеднакво конкурентен со останатите светски производители на дрвени велосипеди, што се произведуваат сериски.