Тера Мадре ден посветен на локалната храна и одржливото производство

37

Да ја прославиме локалната храна, подготвена со почит кон животната средина, традицијата, биолошката разновидност и вкусот, е мотото на Тера Мадре денот, 10 декември, што се одржува денеска во 160 земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Тера Мадре денот е кампања за промовирање на различноста на локалната храна во светски рамки и на нејзиното традиционално производство. Воедно претставува можност да се укаже на креативноста и знаењето за градење подобра иднина на храната, како и да се промовираат одржливото производство и потрошувачката на заедниците, со посебен фокус на локалните донесувачи на одлуки.

“Целта е создавање алтернативен модел на производство и потрошувачка, во согласност со филозофијата на Слоу Фуд за добра, чиста и праведна храна: добра за нашиот апетит, чиста за луѓето, животните и животната средина, како и саем за производители и потрошувачи“, нагласуваат од Слоу фуд Македонија, јавува Миа.

Според нив, оваа година Тера Мадре денот ќе се искористи за да се потенцира локалната храна која е во опасност од исчезнување, заедно со техниките на призводство и кулутрите.

“Сите што ја делат нашата филозофија, почнувајќи од Слоу Фуд конвивуми, заедници, готвачи, академици, млади, президиуми, новинари, локални власти, претставници од други организации, во многу земји од светот го прославуваат Тера Мадре денот. Активностите се од широк спектар и се организираат во градови, рурални средини, училишта, кина, фарми, ресторани,… се до прослави на брод“, посочуваат од Слоу фуд Македонија.

На Денот, кој се одржува од 2009 година, се дели добра, чиста и правична храна според принципите на Слоу фуд, за луѓето да го почувствуваат задоволството од неа. Се организираат патувања во внимателно избрани фарми, се организираат филмски и културни настани – се поврзано со храната.

Тера Мадре денот е и настан на кој се потенцира и Арката на вкусови – проектот за каталогизација на производите на кои им се заканува опасност од исчезнување.

Во Шпанија се одржуваат демонстрации во вид на готвење на пазарите со цел да се промовира одржливиот избор на риба, во Мароко се организираат настани на кои се повикува владата да даде јасна изјава за одгледување на ГМО посеви, во Уганда се става фокус на ретки сорти на овошје и зеленчук.

Во Македонија, по повод Тера Мадре денот ќе бидат прикажани филмови за храната, ќе се одржат едукативни предавања во училишта на тема Одржливост на биодиверзитетот и ќе се готви на самото место. Активностите ги организираат Слоу Фуд Водно, Слоу фуд млади на Македонија, Слоу Фуд Осогово, Слоу Фуд Гевгелија, Президиумот за слатко од сиви смокви, Слоу Фуд Валандово и Слоу Фуд Битола.

Тера Мадре е мрежа лансирана од меѓународната организација Слоу Фуд во 2004 година. Обединува заедници за храна од 160 земји кои ја споделуваат визијата за традиционално производство.