Република Македонија е подготвена за преземање на обврските од пристапување кон конвенциите за заедничка транзитна постапка и за поедноставување на формалностите во трговијата. Експертите од Европската комисија ја оценија состојбата околу подготовките на Царинската управа како многу успешна и на високо ниво, пишува Миа.
Врз основа на резултатите, се очекува Европската комисија да достави покана до Република Македонија за пристапување кон конвенциите, по што ќе следи и пристапување во системот за заеднички транзит на ЕУ кон средината на 2015 година, соопшти Царинската управа на РМ.
Пристапувањето кон овие конвенции е предуслов за воведување на системот на Заеднички транзит и поедноставување на царинските постапки при спроведување на транзитна постапка кон државите на ЕУ и ЕФТА државите (Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн), како и кон Турција.
Царинската управа работи на воведувањето на Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) од 2010 година. Воведувањето и употребата на транизитниот систем базиран на НКТС на национално ниво, што беше реализирано на први март 2014 година, претставува важен чекор со кој се создадени услови за започнување на процедура за поврзување со електронскиот систем на Царинската управа на Република Македонија со царинските системи на Европската унија, уште пред добивање на статусот полноправна членка на ЕУ.
Воведувањето на НКТС за економските оператори од Република Македонија ќе значи намалување на трошоци и доцнења предизвикани од употреба на декларации во хартиена форма, побрзо ослободување и раздолжување на транзитната гаранција заради завршување на транзитната постапка во реално време, намалување на бројот на формалности при спроведување на поедноставените царински постапки во транзит, висок квалитет на услуга, намалување на времето на чекање на операторите на границите и кај одредишните испостави при трговијата со сите земји на ЕУ, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Турција.