Можност за безготовинско плаќање на царинските давачки

48

На сите гранични премини во земјава, Царинарницата Скопје, Битола, Куманово и Штип, инсталирани се вкупно 24 пост-терминали, каде граѓаните и економските оператори ќе можат царинските давачки да ги платат безготовински – со електронска картичка.

“Со оваа можност граѓаните и економските оператори веќе нема да имаат потреба да патуваат до најблискиот град или до најблиската филијала на пошта и комерцијалните банки, ниту да чекаат на ред пред нивните шалтери за да ги уплатат давачките поврзани со царинското работење, туку ќе ги добиваат на едно место во царинските испостави каде се спроведуваат царинските формалности”, изјави директорката на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска на денешната промоција на воведувањето на можноста за безготовинското плаќање.

Ова, таа додаде, се воведува со цел да се обезбеди квалитетна и брза услуга за граѓаните следејќи ги најмодерните трендови за безготовинско плаќање.

Радеска-Крстевска потенцираше дека ова е уште една реформа што Царинската управа ја воведува со цел граѓаните и економските оператори полесно и побрзо да ги извршуваат плаќањата независно од висината на износот што е поголема поволност во однос на веќе воведената можност за плаќање на административните такси во износ до 250 денари преку СМС-порака.

Граѓаните и економските оператори може да ги плаќаат царинските давачки со картичките на маестро, мастеркард, виза електрон, виза, како и картичките за домашна употреба што се издаваат од сите домашни и странски банки.

Проектот беше започнат во октомври минатата година со распишан јавен повик за избор на најповолен понудувач за воведување безготовинско плаќање преку пост-терминал.