Готов деталниот гравиметриски премер на Македонија

47

Агенцијата за катастар на недвижности од денеска ќе може поточно да ги дефинира границите на недвижностите, особено ако премерувањата се вршат со примена на ГПС технологијата, пишува Миа.

Тоа го овозможува деталниот гравиметриски премер на цела територија на Република Македонија за кој теренските гравиметриски мерења беа спроведени лани од април до октомври, а анализата и обработката на податоците и изготвувањето на финалниот геодетски елаборат заврши деновиве.

“Во геодезијата податоците од гравиметрискиот премер се од исклучителна важност и нивната примена придонесува за подобрување на точноста и квалитетот на геопросторните податоци, односно на координатите на геодетските точки и деталните точки со кои што се дефинираат границите на недвижностите. Податоците, пак, за распоредот и густината на масите во внатрешноста  на земјата се исклучително важни при спроведувањето на  различни научно-истражувачки и стручни работи“, рече директорот на Агенцијата Славче Трпески.

Со деталниот гравиметриски премер опфатени се вкупно 2.310 гравиметриски точки кои рамномерно ја покриваат целата територија на Македонија на меѓусебно просечно растојание од околу пет километри, а резултатите покажуваат дека е постигната точка на одредување на забрзувањето на силата на земјината тежа од околу +/- 60 микрогали, што е исклучително висока точност. Врз основа на измерените вредности е направена првична верзија на карта на Бугеови аномалии од која може да се види моделот на земјиното гравитациско поле во Македонија.

Изработката на  деталениот гравиметриски премер чинела 250.000 евра и оти средствата се обезбедени од Светска банка. Премерот го спровел конзорциум формиран од фирмите Геофото Зенит Инженеринг од Скопје и Геотеч Инженеринг од Софија, а во надзорот учествувале стручни лица од Словенија и Србија. Податоците од премерот паралелно се обработувани во Скопје и Софија.