Фактурата претставува еден од основните документи во современата бизнис коресподенција ширум светот. Таа е деловен документ што го издава продавачот на одредено добро или услуга.
Во фактурата се наведува описот на стоката или услугата што е предмет на купопродажба, количината и цената. Овој документ создава обврска и за купувачот и за продавачот. Преку фактурата, купувачот е обврзан да го исплати износот наведен во фактурата во точно дефиниран и определен временски рок, додека продавачот да ја достави фактурираната стока или услуга.
Теоријата и праксата препознаваат излезна и влезна фактура. Од гледна точна на продавач, фактурата што ја подготвува за својот клиент на кој му продал одреден производ или услуга е излезна. Од друга страна, клиентот кој го купува производот или услугата и има обврска да го плати износот, тогаш таа фактура за него е влезна.
Основни елементи што ги поседува фактурата се:
- Името на компанијата што ја издава фактурата
- Адреса на седиштето на компанијата
- Единствен даночен број, доколку издавачот на фактурата е даночен обврзник
- Број на фактурата, како и време и место на нејзино издавање
- Видот и количината на производите или услугите што се продаваат
- Цената без данок
- Доколку се оданочува, се прецизира и даночната стапка
- Вкупниот износ
Продавачот треба да го наведе рокот на плаќање на фактурата, процентот на казнена камата при задоцнување при плаќањето, како и надлежноста на судските органи во случај на спор.
Освен фактурата, важно е да се истакне и значењето на профактурата, како често користен документ во деловните односи. Профактурата нема обврзувачко значење како фактурата и особено е корисна бидејќи не го обврува издавачот да плати данок, за разлика од фактурата кога обврската за плаќање на данок постои без оглед на тоа дали фактурата е платена или не. Кога физичко или правно лице ќе изврши плаќање по основ на профактурата, неопходно е да му се издаде фактура. Профактурата не претставува основа за сметководствено книжење.