Македонија претставена на саем за туризам во Полска

43

10d38024Република Македонија имаше можност за прв пат да го претстави својот туристички потенцијал на саемот за туризам во Варшава, Полска, во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Настанот се одржува од 24 до 26-ти овој месец.

Директорот на АППТ Јордан Трајков, изјави дека ова саемско претставување е втор логичен чекор во долгорочниот промотивен план за Полска по минатогодишните средби меѓу македонскте туристички агенции и полските тур оператори во Познањ, Варшава и Краков.

“На саемот се претставивме подготвени, со нови промотивни материјали на полски јазик и пред се, прекрасен штанд. Во рамки на манифестацијата во најфреквентниот период во текот на вториот ден, заедно со Љупчо Михаиловски, ќе одржиме презентација пред полски тур оператори и новинари. Со ваквиот континуиран, долгорочен настап очекувам да продолжи трендот на зголемување на бројот на полски туристи кај нас”, рече Трајков.

Љупчо Михаиловски, економскиот промотор за Полска и Унгарија, посочи дека Полска е голема земја и е една од ретките во ЕУ која во услови на економска криза имаше растечка економија.

“Полската економија е компатибилна со нашата. Ова е доволен показател за можни позитивни економски односи на повеќе полиња, вклучувајќи го и туризмот. Се радувам што се претставуваме овде и очекувам тоа да донесе значително поголем број на туристи од Полска во Македонија”, истакна Михаиловски.

Според програмата на Агенцијата поддршка и промоција на туризмот, до крајот на 2013 година е предвидено Македонија да се претстави на 17 саеми за туризам низ светот.