СКМ: Членките заинтересирани за зајакнување на капиталната база на МБПР

41

Успешните развојни банки во регионот и пошироко, се занимаваат со поттикнување на развојот и конкурентноста на стопанството, со одобрување на долгорочни и краткорочни кредити, осигурување на извозот од политички и комерцијални ризици, со издавање гаранции и други финансиски услуги – кредитираат од подготовка до реализација на извозот, кредитираат инфраструктура, мали и средни претпријатија, претприемачи – почетници, како и вложувања во нови пронајдоци и иновации, се вели во соопштението на Стопанска комора на Македонија.

Тие, по правило, се врзани за државниот буџет, и даваат поволни кредити за проекти кои придонесуваат за  натамошен стопански раст, раст на извозот и развој на малите и средни претпријатија. Во некои земји има само развојна банка, или само Фонд, односно фондови со истите активности како развојните банки, додека значаен е бројот на земји каде за таа цел паралелно постојат двете институции (развојна банка и развојни фондови, односно агенции).

Во Македонија има само една институција од тој вид – Македонска банка за поддршка на развојот – МБПР, чија основна цел според Законот е да го поддржува и поттикнува развојот на македонското стопанство во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на Република Македонија.

“МБПР реализира значајна финансиска поддршка за стопанството и затоа е од посебен интерес за членките на Комората. Посебно треба да се подвлече улогата на Банката во успешната реализацијата на проектот на Владата на РМ за кредитот од Европската инвестициона банка во сите досегашни 4 фази. Средствата до крајните клиенти се пласираат преку деловните банки и тоа за МСП до 3,5 милиони евра и рок на отплата до 8 години по кредитокорисник, со фиксна  годишна каматна стапка од 5,5%. Од ЕИБ 4 деновиве треба да се пушти нова транша од 6,8 милиони евра за реализација на 60 проекти и можност за отворање на 100 работни места и до крајот на годината на домашните компании им стојат на располагање за искористување уште 30 милиони евра. На годишно ниво од Буџетот на Република Македонија се обезбедуваат околу 200-350 илјади евра за субвенционирање на каматата“, истакна извршната директорка на СКМ, Јелисавета Георгиева.

Членките на Стопанската комора на Македонија се заинтересирани да зајакне капиталната база на МБПР и врз таа основа да се прошири асортиманот на финансиски услуги за стопанството и да даде поголем придонес за поттикнување на стопанскиот развој и интернационализацијата на домашното стопанство.