Албанија и ја одзема лиценцата на ЧЕЗ

25

electricityАлбанското регулаторно тело одлучи на чешката компанија ЧЕЗ да и ја одземе лиценцата за дистрибуција на електрична енергија во оваа земја. Регулаторното тело ја обвинува компанијата дека не обезбедила дистрибуција на струја и не инвестирала во мрежата. Од друга страна, ЧЕЗ смета дека постапката на албанските институции е во спротивност со тамошните закони.

Албанскиот регулатор со одземањето на лиценцата одреди администратор кој ќе го презеде управувањето со компанијата. Со оваа одлука ЧЕЗ ќе ги загуби акционерските права во дистрибутивната фирма во Албанија.

ЧЕЗ ќе поднесе формален протест против одлуката на телото и истовремено ќе презеде чекори за меѓународна арбитража, изјави портпаролката на чешката компанија, Барбора Пулпанова.

ЧЕЗ во Албанија влезе во 2009 година, купувајќи 76% од тамошниот дистрибутер на електрична енергија, за 102 милиони евра.

Во ноември ЧЕЗ ја исече струјата на државниот водовод поради долг од 38 милиони евра, но судот во Тирана нареди водоводот повторно да се приклучи на мрежата. Во декември албанската влада ја обвини чешката компанија дека и должи една милијарда долари за штетите што ги направила во оваа земја.

Според проценките, со заминувањето од Албанија, ЧЕЗ ќе загуби околу 200 милиони евра.