Албанското приморје нема проблеми со туризмот

355

За разлика од црногорското, албанското приморје е полно со гости, пишува црногорски Vijesti. Како главна причина за тоа се наведува фактот што на границата со Албанија не е потребен тест за коронавирус, па жителите на Косово, кои се инаку традиционални гости на Улцињ (Црна Гора), заминуваат во Албанија.

Податоците покажуваат дека во Улцињ официјално престојуваат 2.300 туристи, што е за околу 70% помалку одошто во истиот период минатата година.

“Гледате и сами дека ништо подобро не е и во другите приморски градови. Напротив, ние сме меѓу помалку погодените општини“, вели Фатмир Ѓека, директор на локалната туристичка организација, за Vijesti. Тој потсетува дека во Будва минатиот викенд имало 20 пати помалку гости одошто истиот период лани и наведува дека има најава за гости од Косово, Србија и Босна и Херцеговина во Улцињ.

Најголемиот хотелиер во Улцињ, Karisma, хотелите ги отвора на 10-ти јули, што претходните години веќе се сметало за шпиц.

Асоцијацијата на хотели и апартмани во овој црногорски град упатија апел до властите сом цел да ја спасат туристичката сезона и предлагаат отворање на границите и непречен влез и престој на лица од земјите од регионот, “бидејќи тие се оние кои најмногу трошат пари во земјата“.

“Погледнете го примерот на Албанија, чие приморје е пополнето скоро како и минатата година во истиот период, додека ние работиме само со 10% од капацитетот“, стои во соопштението на Асоцијацијата.

Фото: Pixabay