
Од денеска, корисниците на уреди од Apple во Македонија конечно можат да користат Apple Pay, благодарение на НЛБ Банка, која прва од македонските банки ја активираше оваа дигитална платежна услуга. Со ова, македонските корисници добиваат можност за побрзо, побезбедно и поедноставно плаќање.
Иако сè уште нема официјално соопштение од самата банка или од Apple, услугата е веќе активна за дел од корисниците, што претставува значаен чекор во дигитализацијата на банкарските услуги во земјава.
Најавата за воведувањето на Apple Pay дојде пред неколку недели преку LinkedIn од страна на извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, кој откри дека услугата ќе стане достапна во целиот регион до крајот на јули – рок кој очигледно е исполнет, со стартот и во Македонија и во Босна и Херцеговина.
Во моментот, само клиентите на НЛБ имаат пристап до Apple Pay, но според неофицијални информации, и други банки работат на имплементација на услугата и се очекува нивно приклучување.
Ова претставува значителен напредок за македонскиот финансиски сектор, кој сè повеќе ги следи глобалните трендови за дигитално и безконтактно плаќање.













