Атлантик во првите девет месеци од 2017 година оствари раст на приходите и профитабилноста

31

atlatic-grupa-logo

Во првите девет месеци од  2017 година, Атлантик Група оствари вкупен приход од продажба од 531,1 милиони евра, што претставува зголемување за 4,4% во споредба со истиот период од 2016 година, стои во соопштението.

Добивката пред камати, даноци и амортизација изнесува 59,2 милиони евра, што претставува зголемување за 5,1%, додека нето добивката по малцински интерес се зголеми за 2,8% на 31,9 милиони евра. До крајот на годината, компанијата очекува дополнително проширување на дистрибутивните портфолија и да продолжи стабилниот раст на севкупниот бизнис.

Покрај, како што се наведува, одличните деловни резултати, првите девет месеци беа обележани со дезинвестирање на производствениот сегмент на спортска исхрана и фокусирање кон развојот на брендираното работење. Во двете фабрики, во германскиот Блекеде, како и во Нова Градишка, што беа преземени од страна на белгиската компанија Aminolabs, продолжува договорното производство на асортиманот на спортската исхрана на Атлантик.

Проблемите во коишто се најде најголемиот клиент на Атлантис, Агрокор, целосно се надоместени со проширена соработка со други малопродажни партнери. Наплатата на долговите од компаниите од системот на Агрокор во Србија, Словенија и Хрватска е редовна, со исклучок на т.н. граничен долг во Хрватска (што е покриен од страна на т.н. операција Лекс Агрокор). Според искажаната намера на вонредниот управник, остатокот од долгот ќе се подмири во целост, како што се очекуваше од страна на Атлантик.

“Атлантик Група во првите девет месеци од оваа година продолжи да остварува извонредни бизнис резултати, првенствено преку подобрување на приходите и профитабилноста, со раст постигнат во речиси сите деловни сегменти и на сите поголеми пазари. Стратешкото партнерство со белгиската компанија Aminolabs овозможи и понатаму да се фокусираме на сопствените брендови и да продолжиме со преструктуирање на стратешката бизнис област Спортска и активна исхрана и изврши голем број на активности за поголема профитабилност и фокусиран пристап кон западноевропските пазари. Растот на вкупниот бизнис, одличното управување со ликвидноста и континуираното намалување на долгот ни обезбеди одлична основа за уште побрз и посилен раст“, коментира Емил Тедески, претседател на Управниот одбор на Атлантик Група.